Мистериозен поморски дрон пронајден во близина на Лефкада
Атина – Во пештера во морскиот дел јужно од грчкиот остров Лефкада, вчера попладне рибари пронашле поморски дрон со вклучен мотор, а според грчките медиуми располага со детонатори и најверојатно ќе го преземат надлежни од Министерството за одбрана на Грција за дополнителна истрага, јави дописничката на МИА од Атина.
Рибарите откако го пронашле, успеале да го извлечат и закотват на пристаниште.
Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека станува збор украинскиот тип на поморски дрон „MAGURA V3“ со три детонатори, а нејасно е ниту како стигнал до Лефкада, ниту која била целта.
Паралелно, не е исто така јасно дали во внатрешноста имало и експлозии, со оглед на тоа што оваа информација се појави во дел од медиумите во Грција.
Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека поморскиот дрон е мал, има капацитет да развие голема брзина и веројатно станува збор за воен тип и токму затоа, откако рибарите го предале на крајбрежната служба, случајот го презеле од Министерството за одбрана во Грција.
Станува збор за редок случај, поморски дрон од ваков тип да биде откриен во грчките територијални води.