Мираковски: Состојбата со квалитетот на воздухот е нормализирана во скопско Трубарево


Состојбата  на квалитетот на воздухот во скопско Трубарево една недела по пожарот во складот за електронски отпад е нормализирана, а вредностите од мерењата се нормални за една урбана средина, истакна ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и раководител на лабараторијата АМБИКОН, Дејан Мираковски. Научниците истражувачи од лабараторијата АМБИКОН извршија мерења на воздухот во Трубарево од 14 до 17 септември и какошто вели Мираковски веќе е публикувана работната верзија од извештајот во интерес на јавноста.

-Тие се детално публикувани, има анализи, еве се движат од 28 микрограми на кубен метар, просечната дневна, до некаде до 40, што е во рамките на дозволените 50 микрограми на кубен метар. Елементарниот состав е изразен во нанограми или милјардитиот дел на грамот во кубен метар и повторно ако треба да се сумира, тоа се концентрации кои се вообичаени за урбана средина и не се работи за некакви екстремни концентрации на ниту еден од елементите. Споредено со другите градови сме гледале и многу повисоки концентрации, а посебно во зимските периоди, кога е загадено многу повеќе, на сите елементи, коишто се дадени, изјави Мираковски.

Тој посочи дека  не може да направи оценка врз основа на период од пет дена и затоа  препорачуваат за превентива и во моментов не е потребно продолжување на хемиските анализи со референтни методи и со мерење.

-За превентива препорачавме да остане мониторингот во реално време, да остане за да може да се види, доколку се јавува некаков проблем. Доколку се врши било каква активност, а посебно активност, којашто ќе вклучува земјени работи, ископи, рушење и слично за чистење на локацијата сметаме дека задолжително треба да се води мониторинг со референтни методи и хемиска анализа на честичките во воздухот, рече Мираковски.

Ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ истакна дека работната веризија од извештајот покажува дека немаме надминување на масините концентрации на цврсти субстендирани честички, додека пак елементарните концентрации би можеле да се оценат како вообичаени за урбана средина.

 -Бидејќи не може да се направи споредба на дневните концетрации со годишните регулирани концентрации и крајно некоретно и несоодветно е да ја направиме таа споредба. Меѓутоа не се забележуваат некои невообичаени високи концентрации, на ниту еден од анализираните елементи, вклучително и на регулираните метали, коишто верувам се предмет на најголем интерес, никел, асрен кадмиум олово итн. Значи генерално вообичаени вредности, потенцира Мираковски.

Во моментов останува да се доанализираат уште два филтри од последниот ден на мерењето на воздухот во Трубарево и како што вели Мираковски потребни се дополнителни анализи за воденорастворливите јони.  

Тој повторува дека една недела по пожарот во складот за електронски отпад во Трубарево може да каже, а за  очекување е дека  таму нема никакви активности, нема нови емисии и дека состојбата со квалитетот на воздухот е нормализиран.

-Но, може да се заклучи и за очекување е дека веќе воздухот не е тој медиум, којшто има некаква последица претрпено. Најверојатно после пожарот дисперзијата на тие пожарни гасови, честички е завршена и за очекување е дека би требало да биде нормализирана и вратен во некакви првични рамки. Дополнителните анализи важни за потврдување на зоната на контаминација и за безбедноста на граѓаните се анализите на земјата и на изворите на вода, односно подземните води и површинските води, доколку ги има во регионот, додава Мираковски.

Научниците истражувачи од лабарторијата АМБИКОН при УГД-Штип беа ангажирани од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање да извршат мерење на квалитетот на воздухот по пожарот во складот за електронски отпад во Трубарево.