Министрите за одбрана на САД и Кина разговараа за кризна комуникација


 

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на маргините на состанокот на министрите за одбрана на АСЕАН во Камбоџа се сретна со кинескиот министер за одбрана Веи Фенгехе за унапредување на комуникацијата помеѓу двете држави во кризни ситуации, изјави портпаролот на Пентагон.

На вториот состанок оваа година со Веи, Остин изрази загриженост за се поопасното однесување на кинеските воени авиони што го зголемува ризикот од несреќа, изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер.

Денешната средба уследи по тричасовната средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата недела на маргините на самитот на Г-20 во Индонезија, со цел да се спречи заладените односи меѓу двете земји да ескалираат во нова Студена војна.

По таа средба уследи состанок на кинескиот претседател Си Џинпинг и американската потпретседателка Камала Харис на Азиско-пацифичкиот самит во Бангкок.

Според претставник на Белата куќа, Харис ја засили пораката на Бајден дека двете земји мора „да ги држат отворените канали за комуникација за одговорно да управуваат со конкуренцијата меѓу нашите земји“.

Како што јавија кинеските државни медиуми, Си на средбата со Харис истакнал дека неговата средба со Бајден била „стратешка и конструктивна“ и оти е „многу важна за одредување на насоката на кинеско-американските односи“ во иднина.

Односите помеѓу САД и Кина дополнително се влошија на почетокот на август по посетата на Кина ја оцени посетата на претседателката на Претставнички дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси на Тајван. Таа е највисокиот американски функционер што го посетил Тајван во изминатите децении.