Министерството за финансии: Исплатите на плати и надоместоци се вршат редовно согласно закон, тврдењата на Левица се неосновани

Министерството за финансии категорично ги отфрла дезинформациите што денеска ги пласира Левица. Како и за секој изборен процес, така и на почетокот на овој изборен процес, Министерството за финансии достави известување до сите буџетски корисници, при трошење на буџетски средства во предизборниот период да ги имаат во предвид ограничувањата согласно одредбите од Изборниот законик и Законот за буџети, се вели во соопштението од Министерството за финансии, кое го пренесуваме интегрално.
Во известувањето до буџетските корисници Министерството за финансии се повикува на Изборниот законик Член 8-а, став 1 , алинеа 2:
“Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:
-да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош и други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори“
Јасно укажуваме: Министерството за финансии нема одбиено налог за исплата на ниту една обврски кон работниците согласно закон, односно редовно се исплаќаат плати, додатоци и надоместоци за плата кои се однесуваат на работа за празник, ноќна работа, работа во недела, прекувремена работа, како и правото за надоместоци на плата за починат член на семејство, теренска работа и слично согласно Законот за Буџети и Изборниот законик.
Затоа, сите тврдења на Левица се неосновани, злонамерни и имаат единствена цел – да шират паника и да манипулираат со јавноста.
На Левица им препорачуваме наместо да создаваат конфузија, конечно да го прочитаат Изборниот законик и Законот за буџети и да се информираат како функционира државниот апарат. Министерството за финансии ќе продолжи доследно да ја спроведува законската регулатива и да гарантира дека сите права на работниците ќе бидат заштитени.