Министерката за финансии ќе патува за Унгарија, но прво го чека билатералниот договор за заем
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најверојатно следната недела ќе отпатува за Унгарија, но прво, како што вели, треба да пристигне билатераниот договор.
Северна Македонија договори заем од пола милијарда евра од Унгарија, а веста за тоа ја обелодени премиерот Христијан Мицкоски од Самитот на НАТО во Вашингтон.
Според изјавите на премиерот, заемот се зема под поволни услови со каматна стапка од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што значи вкупно 15 години.
За него, според премиерот, ќе биде изработен специјален закон кој низ транспарентна процедура Владата ќе го поднесе до Собранието и пратениците од сите политички партии ќе имаат увид во него.
Половина од заемот ќе биде наменет за проекти за општините, а другата половина за компаниите.
Инаку, денес во Унгарија престојува вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски каде оствари работна средба со политичкиот директор на шефот на Владата на Унгарија Балаш Орбан.
На средбата, како што информира Министерството за транспорт, беа потврдени одличните политички и економски односи меѓу двете земји, а посебен акцент беше ставен на финансиската поддршка од 500 милиони евра што Унгарија ја овозможи на Македонија за поддршка на домашната економија.
Николоски изразил огромна благодарност до унгарскиот колега Орбан и ја потенцирал подготвеноста на Владата за обезбедување на забрзан економски развој и унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.