Министер на Ликуд најави кандидатура против Нетанјаху, велејќи дека на партијата „ѝ треба промена“

Израелскиот министер за економија Нир Баркат, висок член на владејачката партија Ликуд, наводно планира да се кандидира против премиерот Бенјамин Нетанјаху кој 18 години е на чело на партијата, велејќи дека на партијата „и требаат промени“ и повика на одржување национални избори откако ќе заврши војната.
– Повторно нема да го поддржам Нетанјаху. По војната мора да се свртиме кон народот и повторно да ја добиеме неговата доверба. На Ликуд му треба промена, им рече Баркат на активистите на Ликуд минатата недела во продавница за велосипеди во Кирјат Гат, јави денеска јавниот радиодифузер Кан.
– Постапувам во согласност со агендата и таа е при крај“, додаде тој. Кан пренесе дека тоа значи да се кандидира за лидер на партијата Ликуд, дури и ако Нетанјаху не се повлече, додавајќи, без да наведе извор, дека Баркат на приватни состаноци потврдил дека тоа е неговата намера.
– Немам намера да соработувам со политички претставници кои имаат задни намери. Не е тајна дека имам професионални критики кои се однесуваат на прашањето за буџетот, кој верувам дека ќе се реши, изјави Баркат коментирајќи ги информациите на медиумот.
Баркат се закани дека оваа недела ќе гласа против ажурирањето на буџетот за време на војна, јавно осудувајќи го како недоволен за да одговори на воените економски потреби. Извор близок до министерот за економија рече дека буџетот, како што е претставен, „ќе доведе до економски колапс“.