Милошоски, Митревски и Бендевска избрани за потпретседатели на Собранието


Фото: Б. Грданоски

 

Собранието во рамките на третата седница без расправа и едногласно ги избра пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ за потпретседатели на Собранието, кои денеска беа утврдени на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

За Милошоски гласаа 69 пратеници, за Митрески се изјаснија 82 пратеници, а за Бендевска 70.

Веднаш потоа се пристапи кон давање свечена изјава, а пратеникот Милошоски, кој од здравствени причини не беше присутен на денешната седница, свечената изјава ќе ја даде на првата наредна седница.

Претходно, Комисијата за прашања на изборите и именувањата го донесе и решението за добивање на апанажа на поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска-Ванчева, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли.

Беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.