Милошоски контра Николоски: Црна Гора ќе стане членка на ЕУ до 2030
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, мисли поинаку од вицепремиерот Александар Николоски. Николоски пред некој ден во поткаст изјави дека ЕУ го лаже регионот 13 години и веројатно никој нема да стане дел од блокот, додека Милошоски мисли дека Црна Гора ќе биде таа што ќе се приклучи до 2030.
„Од тоа што го имаме како неофицијални информации — се разбира, ЕУ земјите членки на крајот ќе одлучат — јас сметам дека единствена земја од регионот којашто би имала шанси до 2030 година да стане членка е Црна Гора. И доколку Исланд има позитивно изјаснување на нивниот референдум за повторно продолжување на процесот на преговори, можеби и Исланд до 2030 година да ја има таа опција. Додека за Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Украина, Турција и другите земји, веројатно ќе важи оваа понуда (на Германија и Франција – н.з.) за постепено интеграција во одредени сектори на Европската Унија, зависно од исполнетите стандарди – рече Милошоски на настан во Струга.
Според него, предлогот на Франција и Германија е искрен и реален, којшто забележително нуди една опција на што повеќе интегрирање, но исто така забележливо е дека нуди членство кое не би било полноправно, барем не во овој момент.
„Може на некого тоа да му се допаѓа или да не му се допаѓа, но ја цениме искреноста и на Франција и на Германија што ја соопштија реалната состојба внатре во Европската унија, којашто трае можеби во последниве 7-8 години. Дека апетитот за нови полноправни членки со целосни права и обврски (право на вето, гласање и слично) не е толку голем како што бил пред 13 или 15 години. Но, од друга страна, не нудат статус-кво, туку нудат фазна интеграција на земјите во одредени сектори, зависно од исполнетите стандарди“, рече Милошоски.