Миленичката на Путин и светска шампионка Исинбаева се крие во Шпанија
Откриена е локацијата на внимателно скриената миленичка на Путин: Еелена Исинбаева. Олимписката шампионка и мајор на руската армија е во Шпанија – Тенерифе.
По руската инвазија на Украина, многу руски граѓани ја напуштија својата земја, некои прекинаа секаков контакт со претседателот Владимир Путин и ги поддржаа демократските вредности, додека други избраа да се кријат и да вршат субверзивни и непријателски активности против Украина. На 27 февруари весникот Currenttime.tv објави дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, вовел санкции против 164 физички и 85 правни лица на Руската Федерација за „поддршка на голема руска инвазија во земјата“. Меѓу нив беше и светската шампионка во скок во височина Елена Исинбаева.
Елена Исинбаева е носителка на 28 светски рекорди во скок со стап, двократна олимписка шампионка, четирикратна светска шампионка во скок со стап во сала. Но, покрај тоа што беше препознаена низ целиот свет за нејзината извонредна кариера како спортист, поставувајќи бројни светски рекорди, внатре во Русија е позната по нејзиното учество во политиката на таа земја. Таа беше пратеник во Државната дума и жесток пропагандист за војната против Украина, а анедно беше дел и од групата која се залагаше за промени во рускиот Устав за да му се овозможи на Путин да остане на власт на неодредено време. Но нејзините активности не запираат тука.

Една статија во newizv.ru објаснува како милион деца се регрутираат во Јунармија, каде што учениците се учат да ракуваат со оружје, да маршираат, да испрашуваат затвореници и да ја сакаат својата татковина. Меѓу воените водачи на движењето се хумористот Михаил Галустјан, коментаторот Дмитриј Губерниев и се разбира, спортистката-војник Елена Исинбаева. Што е Јунармија (ЈАМ)? И како се вклучила Исинбаева?

Серуската асоцијација на националното воено патриотско општествено движење на серуската „Млада армија“ , Јунармија, постои од 2015 година. Ова здружение е поддржано и финансирано од Министерството за одбрана на Русија (МО) со мисија да обучи иден персонал за руските униформирани служби и да ги всади вредностите на патриотизмот, националната служба, националната и воената историја , сеќавање на минатите воени операции и кампањи и на загинатите од нејзините вооружени сили. Таа е наследничка на воените курсеви и на пионерската организации на Владимир Ленин и на Комсомолот и е поврзана со руските вооружени сили.
Елена Исинбаева, камуфлирана пред светот како олимписка спортистка, е наедно членка на владејачката партија Единствена Русија, која има голема моќ во донесувањето политички одлуки во таа земја. Покрај политичкиот ангажман, Исинбаева е активна како службеник во руското Министерство за одбрана и има чин мајор, функција која официјално и ја додели рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 16 мај 2015 година. Според новинарот и независен аналитичар Сергеј Шелин, Исинбаева е една од најомразните пофалувачи на Путин и на сите негови подвизи. Целата нејзина биографија укажува дека бесчувствителноста и цинизмот не се гледаат како лоши работи во Русија. И покрај обвинувањата и нејзината поврзаност со руската војска, Исинбаева сè уште ја претставува Русија и во Меѓународниот олимписки комитет.

Каде исчезна сега Исинбаева? Тешко беше да се одговори на ова прашање, бидејќи спортистката всушност може да биде во земјите каде што се родени нејзините две деца. Според досегашните информации, таа продолжила да живее во две држави, но поради фактот што Монако денес е една од непријателски настроените европски земји кон Русија, не е многу јасно како мајор на руските вооружени сили редовно престојува во непријателска држава. Шпанскиот медиум „Ел дигитал сур“ деновиве објави дека Исинбаева всушност се наоѓа на Канарските острови во Шпанија , информација што никој до сега не ја знаел, и живее во луксузен комплекс на островот.Моментално води многу дискретен живот, но не може да се каже дека не е директно поврзана со нејзината воена позиција мајор и шеф на баталјон. Според извори на шпанскиот медиум, „нејзините претпоставени во армијата и дале неопределено отсуство поради заслугите во крвавата агресија против Украина“.

Овој настан во Тенерифе покренува прашања за можните дополнителни причини за нејзиниот престој во земја чија влада силно ја поддржува каузата на Украина, уште повеќе што сега Мадрид го презеде претседателството со Советот на ЕУ.
