Миле Сугарев в.д. директор на Фондот за здравство


Владата на седницата што се одржа денес  донесе одлука за скратување на забраната за движење за време на викенд.Почнувајќи од утре во сабота и недела граѓаните ќе можат да се движат во периодот од 5 часот до 19 часот.

Според одлуката на Владата, во сабота и недела, сите млади лица под 18 години ќе можат да се движат од 13 до 19 часот, а сите возрасни граѓани над 67 години ќе можат да се движат од 5 до 12 часот.Во сила остануваат сите други мерки за заштита од КОВИД-19 донесени од Владата.

Владата денеска донесе дополнување на Уредбата за примена на Законот за градење за време на вонредна состојба со која се продолжува рокот на важење на одобренијата за градење кој е истечен за времетраењето на вонредната состојба, како мерка за справување со последиците од коронавирусот за 60 дена од денот на престанокот на вонредната состојба.

Владата го прифати усогласениот текст на Протоколот за донација и Анексот кон Протоколот меѓу Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за одбрана на  Норвешка и ја овласти заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска да го потпише протоколот, кој освен мобилната болница ROLE 2 MTF на Армијата  која е ставена во оперативна употреба како дел од Клиниката за инфективни болести во Клиничкиот центар Скопје, вклучува и финансиски  средства во висина од 200.000  евра за потрошен медицински материјал.

Владата на оваа седница ја прифати информацијата на Министерството за труд и социјална политика со предлог реализацијата и спроведувањето на Проектот за користење бесплатна услуга одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток да се одложи, односно проектот да не се реализира ова лето.

На денешната седница Владата го именуваше Миле Сугарев за в.д. генерален директор на Фондот за здравствено осигурување кој доаѓа од позицијата директор на Секторот за финансиски прашања на ФЗОРСМ.