Миланова игра – концерт во чест на маестро Милан Завков во Филхармонија
На 27 март во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Миланова игра“, музички омаж посветен на еден од најзначајните македонски композитори и културни дејци – Милан Завков, во организација на „Баги комуникации“.
Настанот ќе биде свечена вечер во која дел од неговите најпознати ора и песни ќе прозвучат во нов музички израз, изведени од камерен оркестар специјално оформен за оваа пригода. Со овој концерт, неговото богато музичко наследство ќе биде претставено преку современи оркестарски интерпретации што го спојуваат традиционалниот македонски мелос со нови звучни пристапи.
Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, кои ќе бидат преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски, со што познатите мелодии ќе добијат нова звучна и сценска димензија.

На концертот ќе настапат врвни македонски музички имиња, меѓу кои вокалните солисти Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ, како и инструменталистите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано), придружувани од камерен оркестар составен од истакнати македонски музичари. Низ вечерта публиката ќе ја води Ирена Спировска.
„Милан целиот свој живот го посвети на негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба – преку неговата музика повторно да се создаде мост помеѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз. Се радуваме што заедно со неговите колеги и публиката ќе можеме да ја оствариме“, велат од семејството Завкови.
Милан Завков беше врвен инструменталист, композитор и аранжер, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на ансамблот „Танец“, кој со своето творештво остави силен белег во развојот и афирмацијата на македонската народна музика. Неговите композиции и аранжмани се дел од музичката меморија на повеќе генерации.
Картите за концертот се достапни на:
https://mktickets.mk/event/milanova-igra/