„Миланова игра“ – концерт во чест на маестро Милан Завков


„Миланова игра“ е насловен концертот посветен на маестро Милан Завков, кој ќе се одржи во Филхармонијата во организација на „Баги комуникации“. Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков,  преработени од Дамир Имери и Дарко Илиевски, со што познатите мелодии ќе добијат нова звучна и сценска димензија.

-Концертот е музички омаж за еден од најзначајните македонски композитори и културни дејци – Милан Завков. Настанот ќе биде свечена вечер во која дел од неговите најпознати ора и песни ќе прозвучат во нов музички израз, изведени од камерен оркестар специјално оформен за оваа пригода. Со овој концерт, неговото богато музичко наследство ќе биде претставено преку современи оркестарски интерпретации што го спојуваат традиционалниот македонски мелос со нови звучни пристапи, соопшти организаторот. 

Како што е најавено, на концертот ќе настапат  вокалните солисти Наум Петрески, Сузана Спасовска, Зуица Лазова, Горан Кукиќ и Ленче Кукиќ, како и инструменталистите Катарина Броња (флејта) и Дино Имери (пијано), придружени од камерен оркестар составен од истакнати македонски музичари. 

– Целиот свој живот Милан го посвети на негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба – преку неговата музика повторно да се создаде мост помеѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз. Се радуваме што заедно со неговите колеги и публиката ќе можеме да ја оствариме, велат од семејството Завкови по повод концертот.

Милан Завков беше врвен инструменталист, композитор и аранжер, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на ансамблот „Танец“, кој со своето творештво остави силен белег во развојот и афирмацијата на македонската народна музика. Неговите композиции и аранжмани се дел од музичката меморија на повеќе генерации.

-Концертот „Миланова игра“ е можност ова наследство повторно да се слушне како жива, современа и уметнички релевантна музика, во чест на автор чиј придонес останува значаен дел од македонската културна историја, соопшти „Баги комуникации“.