Мијалков не разбрал – мисли дека се прислушувале 20.000 таргети


 

Мачно и тешко му одеше на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му ги постави вистинските и соодветните прашања на инженерот од УБК, Сашо Трајковски, кој сведочи за случајот „Таргет – Тврдина“, односно за масовното прислушување. Судечкиот совет, во кои се судиите Џанета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ, постојано го опоменуваа да ги преформулира прашањата, за да бидат вкрстени, прашања што треба да произлезат од исказот на сведокот. Иако невешт, Мијалков беше упорен и неколку часа го прашуваше Трајковски, враќајќи се одново и одново на истото прашање. При крај на прашањата се изнервира не можејќи да докаже дека она што го зборува сведокот не соодветствува со записникот што го потпишал Трајковски како претседател на Комисијата за уништување на опремата. Овој доказ не е изведен како материјален доказ, па Мијалков се најде во небрано, па дури и во консултација со своите адвокати едвај го постави прашањето.

„Ова е некоректно, се извртуваат работите. Во записникот има поинаку кажано. Кажете ако не треба, нема да се браниме, донесете пресуда“, револтирано почна да вика Мијалков.

Со прашањата што ги спремил од претходно, сакаше на јавноста да ѝ ја прикаже и другата страна на вистината за прислушувањето, па од сведокот сакаше да изнуди одговори и да покаже дека нема материјален доказ со кој може да се докаже дека тој преку неговиот компјутер имал пристап до прислушуваните разговори. Додека ги поставуваше прашањата, им рече на судиите: „Не запишувате убаво, па после ме препрашувате по петпати“, иако судиите му помагаа да ги постави прашањата правилно. Сепак, дел од одговорите што ги изнуди не беа во негова полза, но упорно прашуваше како што велеше „во интерес на вистината“.

На прашањето на Мијалков, како констатирал дека зад псевдонимот Лијаве стои Велија Рамковски, Трајковски објаснуваше дека додека поправал дефект во системот кликнал на разговорот со тоа име и го слушнал соговорникот, кој на таргетот му рекол: „Добро утро господине Рамковски“. Како куриозитет од ова судење што произлезе од прашањата на Мијалков е тоа што главниот обвинет за масовното прислушување, всушност мисли дека се прислушувале 20.000 таргети, најверојатно мислејќи на бројката која се споменуваше за вкупниот број прислушувани граѓани. Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, во УБК имало речиси 6.000 телефонски броеви кои биле таргети, односно кои биле маркирани за да се прислушуваат. Ова произлезе од прашањето на Мијалков „како од 20.000 таргети вие го кликнавте баш Рамковски“. Сведокот тврдеше дека Рамковски случајно му се појавил, а имињата на новинарите и другите прислушувани ги запаметил поради специфичната смена на слогови. Сепак, на Мијалков му беше спорно и тоа што Трајковски проверувал кој бил следен со судска наредба, а кој без наредба иако тоа не било негова работа и зошто наместо дефектите да ги исправа со тест-картичките наменети за таа намена, тој слушал туѓи разговори.

„Како администратор на опремата сметав дека не требаше да дозволам хакерски напад и таргети без судска наредба“, рече Трајковски.

Сведокот не се осмелил да го пријави ова кај директорот бидејќи видел дека директен пристап до таргетите имал Мијалков и началникот на Петтата управа, Горан Грујевски, односно нивните компјутери биле поврзани со прислушуваните разговори.

Од прашањата произлезе дека од својот компјутер Мијалков имал пристап и до своите лични разговори. „Дали мислите дека сум уживал додека сум се слушал сам себе“, прашуваше поранешниот директор. Иако Трајковски видел сè што се случувало, не го видел експортот на разговорите што го направил Звонко Костовски, кој остава трага.

На крајот на испрашувањето поранешниот директор сакаше да докаже дека Трајковски, како претседател на Комисијата за уништување на опрема, самиот потпишал извештај дека опремата е нефункционална. Тој не одговори конкретно и зошто како претседател не се изземал од Комисијата. На претходното рочиште, Трајковски тврдеше дека потпишале дека опремата е нефункционална, но не дека е неисправна и технички застарена. Кога комисијата требало да прави попис ја нашле во ходник, надвор од функција и затоа пишале дека опремата е нефункционална.

По Мијалков, сведокот Трајковски го прашуваше и поранешната министерка Гордана Јанкулоска, која го праша зошто не и кажал дека била прислушувана.

„Во вашето сведочење рековте дека сте лоцирале незаконско следење на комуникации. Понатаму рековте дека не сте го пријавиле кај директорот на УБК и кажавте зошто. Исто, спомнавте дека меѓу нелегалните таргети сте го препознале и мојот број. Зошто не ме известите барем мене како министерка бидејќи рековте дека сум немала пристап до нелегалните следења?“, праша Јанкулоска.

На тоа сведокот одговори дека не знаел како да дојде до неа и да ѝ каже.

„Госпоѓо Јанкулоска, вас не ве препознав по бројот и јас не ги знаев сопствениците на броевите. Не сум можел да препознаам таргет според бројот. Туку вас ве препознав по содржина на СМС. Не дојдов зашто не знаев како да дојдам до вас и да ви кажам ‘еј знаеш ти го слушаат телефонот’“, одговори Трајковски.

Според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Во предметот „Таргет – Тврдина“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски.

Фросина Факова-Серафиновиќ