Мицотакис реагирал пред лидерите на НАТО за селективната употреба на Договорот од Преспа


Целосно спроведување на Договорот од Прееспа е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница.

Ова денеска од НАТО-самитот, како што пренесува грчката национална телевизија ЕРТ, го изјавил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на првата сесија на лидерите на земјите-членки на НАТО, откако претходно претседателот на САД, Џо Бајден посочил за важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата.

Мицотакис на сесијата посебно се осврнува на Договорот од Преспа, кој како што посочува, овозможи проширување на овој сојуз со пристапувањето на Северна Македонија. Според него, напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори. Смета дека прекршувањето или селективната примена на Договорот од Преспа ќе го наруши кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот.

„Пред се договорите мора да се почитуваат. Мораме сите да го запомниме ова“, рече Мицотакис во својата прва сесија на седницата на Советот на НАТО.

Како што пренесуваат грчките медиуми, премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, својата земја ја нарекол – Македонија, а неговата влада – македонска влада.Мицкоски денеска од Вашингтон рече дека како држава, подготвени сме да го дадеме својот придонес на сето она што претставува вредност, посочувајќи дека за него претставува посебна чест и задоволство да се биде во друштво на овие луѓе и, како што рече, заедно со нив да одбележат 75 години од постоењето на НАТО-алијансата, најголемата одбранбена алијанса во светската историја.

„Како македонска влада сакаме да би.деме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“, рече  премиерот.

Претходно, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека е сериозно загрижен од тоа што новата влада на Северна Македонија во внатрешната комуникација сè уште се нарекува Република Македонија. Според Мицотакис, тоа не ѝ помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација. Тој во дебатата напоменува дека проблемот со Балканот е што многу често сеништето на национализмот се појавува кога тоа никој не го очекува и како пример ја наведува Северна Македонија.

„Кога слушам дека новата влада на Северна Македонија во внатрешноста на земјата вели ‘Република Македонија’, тогаш сериозно сум загрижен и секако тоа е прашање што сакам да го покренам, не е конструктивно“, вели Мицотакис.

Мицкоски името Македонија го употреби во изјавата за медиумите на влегување во салата каде што се одржува самитот.