Мицотакис најави дека Мицкоски може да има „непријатно прво искуство“ на самитот на НАТО


 

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис испрати уште една порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да даде категорична изјава, кога официјално ќе стане премиер дека го почитува Договорот од Преспа. Во спротивно, единствено што може да постигне е „непријатно прво искуство“ на НАТО Самиот на почетокот на јули, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вечерва говореше во централното издание на вестите на грчката телевизија Антена, а се осврна и на Балканот, на односите со нашата земја, на Договорот од Преспа, но и на ЕУ перспективата.

„Во однос на Скопје, Северна Македонија, мојата порака до мандатарот за премиер е многу јасна. Предизборниот период заврши. Договорот од Преспа, кој за нас имаше многу проблеми, но основното достигнување е едно име за сите, ерга омнес, мора да го почитува. И да даде категорична изјава, кога и официјално ќе ја преземе премиерската функција, дека го почитува Договорот од Преспа“, рече Мицотакис.

Во однос на тоа што би се случило во спротивно, најави „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот во првата половина на јули.

„Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули“, додаде Мицотакис и уште еднаш повтори дека и на НАТО Самитот ќе го покрене конкретното прашање.

Тој рече дека го смета „народот на Северна Македонија за пријателски народ“, но дека „ако сакаат да се приближат кон Европа, патот кон Европа оди преку Грција и преку добри односи со Грција“, додавајќи дека истото важи и за Албанија.

На прашањето дали е на маса можноста Грција да им го блокира патот на двете земји кон Европската Унија, Мицотакис изрази оптимизам дека сепак, тоа нема да биде потребно.

„Мислам дека нема да биде потребно да стигнеме дотаму, бидејќи сигурен сум дека на крајот ќе надвладее логиката. Но, мислам дека бев апсолутно јасен“, рече Мицотакис.

Вечерва Мицотакис одржува предизборен митинг во Солун, на кој рече дека успехот на Нова демократија на изборите ќе биде порака и за Северна Македонија и за Турција.