Мицкоски од Ташмаруништа повика на обединување – но против власта


Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев, порача лидерот на опозицијата

 

Порака за обединување во блок против актуелната власт испрати денеска од Ташмаруништа лидерот на ВМРО–ДПМНЕ Христијан Мицковски.

На одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, лидерот на најголемата опозициска партија рече дека обединувањето ќе значи надминување на разликите во опозицијата.

„На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноп прачки е силен како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на Илинден, испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт досега“, рече Мицкоски.

Илинден, како што нагласи, е нашата светост, посебно чувство за секој Македонец.

„Тоа е нашата голгота, без која немаше да има слобода. Нашата карпа врз која ја темелиме нашата куќа, атоа како Македонци, како родољуби се поклонуваме на делото“, додаде Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, заклучи лидерот, ја има поддршката од народот и е пред прагот на победа.

„Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ, и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жесток шлаканица за власта која ќе падне за неколку месеци по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе“, посочи Мицковски.

Во своето обраќање пред присутните се осврна на одлуката на претседателот Стево Пендаровски да нема говор на Мечкин Камен, за како што рече, стравот од народот, кој ќе им каже што мисли за нивното владеење.

„Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување, зошто човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот фолклор, а тие вечер ќе си продолжеа со криминалите. Јас одбрав да бидам тука со народот“, рече Мицковски.

Местото на земјава, нагласи е во семејството на Европската унија, а мини шенгенот кој неодамна го договорил премиерот Зоран Заев, го оцени како уште еден пораз за државата и не ја исполнил најголема стратешка цел, членството во Унијата.

Тој рече дека „спорот со Бугарија не е натпревар во 100 метри, ниту тезга со муртински бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие. Во тој идентитет е содржан и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво“, рече Мицковски во обраќањето пред присутните во Ташмаруништа.

Лидерот на опозицијата претходно ја одби поканата на претседателот на државата Стево Пендаровски да присуствува денеска во 18 часот на централната прослава на Денот на републиката во Крушево.