Мицкоски вели дека не изнесол ниедна навреда за никого во кампањата


Христијан Мицкоски во Росоман

 

На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Росоман претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека се изнаслушал многу работи за него во кампањата, а тој никого не навредил.

„Последно коешто го слушнавме од претседателот на СДСМ е тоа дека тие не нѐ мразеле или, туку ме презирале. Што сѐне се изнаслушав во оваа кампања, од тоа што ми испраќаа пораки преку нивните новинари и перјаници дека ќе ме спакувале во куфер, ќе го распарчеле моето тело и ќе го спакувале во куфер, па до тоа дека ме презирале“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на оваа изборна кампања не изнесе ниту една навреда за никого, за разлика од СДСМ и Венко Филипче, само кажувам дека изминатите седум години кога беа тие во владата имаа можност да покажат како се борат за својот дом.

„А толку внимавам. Прво, не личи на мојот карактер да навредувам, а второ ние ниту еден негативен спот не објавивме оваа кампања, цело време зборуваме за проекти, за план и за визија. Тие ја почнаа кампањата со црна кампања, со напади и ниски страсти како ќе ме спакувале распарчен во куфер и тоа би било штос во оваа кампања, така порача еден од нивните гуруа, чиишто колумни ги објавуваа и ги цитираат од раководството на СДСМ“, рече Мицкоски.