Мицкоски сега го цитира Наполеон
Премиерот со цитат на францускиот император одговори на забелешките на СДСМ за можно доаѓање на мигранти
Премиерот Христијан Мицкоски често сака да цитира познати политичари или научници за да им даде поткрепа на некои свои изјави или политики. Сега дојде на ред да позајми мисла од големиот генерал, а потоа и император на Франција, Наполеон Бонапарта.
„Ќе се повикам на онаа позната Наполеонова изрека којашто вели дека ‘можеби не треба да му се помага на противникот кога греши’“, изјави Мицкоски за критиките и забелешките на опозицијата за наводните мигранти што требало да дојдат во Белика Британија согласно стратешкиот договор што го потпишаа двете земји. Тој рече дека изјавите на СДСМ се стихијни и дифузни, одговарајќи на новинарско прашање.Мицкоски уште додаде дека со пониски цени на горивата Македонија им помогала на соседите во кризата.
„Јас се обидувам некако во моите последни изјави да не ги коментирам изјавите коишто доаѓаат од СДСМ, бидејќи се изјави коишто се стихијни, дифузни и немаат никакво значење, т.е. имаат единствено значење, а тоа е преку креирање на лажна перцепција и растурање на пердуви да се обидат да нанесат штета на работата на Владата, бидејќи нивните изјави никогаш не се конструктивни. Туку се најчесто полни со лага, конструкција и тоа во јавните односи, се вика, како да нанесете штета на Владата којашто се бори во услови на криза и предизвици.
Тоа е лажна, погрешна стратегија. Но, ќе се повикам на онаа позната Наполеонова изрека којашто вели дека ‘можеби не треба да му се помага на противникот кога греши’. Така што ние остануваме да се фокусираме на она што претставува вистинска потреба на граѓаните, приоритет на граѓаните и на државата.
Ние сме сериозна Влада. Влада којашто се обидува да ги антиципира предизвиците. Ако навремето коленичивме за ковид кризата за пет илјади вакцини, ние денеска ги помагаме соседните држави во услови на криза кога се потребни агрегати за генерирање на електрична енергија, кога ќе треба од зоната на воени дејства да пренесеме државјани на нашите соседи, тоа да го направиме. Нашите ресурси се ставени на располагање на соседните држави и на граѓаните од соседните држави за пониска цена да полнат гориво’“, рече Мицкоски.