Мицкоски: Повикувањето на единство е супстратот на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски во саботата вечерта од митингот во Делчево објаснуваше зошто повикал на македонско национално единство. „Доколку не повикав на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со која било партија, е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина. На овој мој повик, побрза и панично и нервозно се јави Димитар Ковачевски кој вели дека ни биле лоши работите, сме се плашеле и затоа сум повикал на единство“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој запраша кому во Македонија вистински му пречи национално единство и обединување на партиите околу главната цел Македонија да биде силна и средена држава? Тоа биле „криминалците од ДУИ“.
„Нив ги фаќа паника и страв, па побрзаа да стиснат на копчето кое го поседуваат, а се вика Ковачевски Димитар и Пендаровски Стево. Ковачевски, да беше тендер за ДУИ и Артан веднаш ќе сфатеше, а вака ни тој самиот не верувам дека ја сфаќа важноста за национално единство пред налетот на ДУИ за криминализирање на Македонија“, рече Мицкоски.
Па уште еднаш го нападна Димитар Ковачевски: „И не ме чуди што и нивниот лидер Црвенковски го замрзна членството. Да можат и многу други ќе се замрзнат само да не го гледаат срамот во кој се претвори таа партија. Ја користам оваа прилика да го споменам и нивниот претседател кој што доаѓаше од редовите на СДСМ а беше претседател на Македонија, велеше ‘многумина сакаат Македонија да ја приграбат’ тој тогаш им порача е, па не може, амана Ковачевски никако да му текне и им вели – повелете, еве цела Македонија ви ја ставам на тацна само оставете ме уште еден ден во фотелјата“.