Мицкоски планира да го исчисти воздухот со когенеративни централи – во потрага е по партнери


За шеесетина проценти почист воздух ќе дишат македонските граѓани, но за три до четири години од сега, ако навистина се изградат планираните когенеративни централи, кои паралелно би произведувале електрична енергија и гас, најавува премиерот Христијан Мицкоски.

Прашан што планираат да преземат за почист воздух, за што опозицијата ги обвинува дека ништо не се прави, Мицкоски со контра став.

– Шокира таа порака од страна на опозицијата, бидејќи седум години буквално камен на камен не ставија. Ако се зафатеа да работат нешто, тогаш можеби и до ова немаше да дојде, односно можеби ќе беше поинаку. Но, ние работиме интензивно. И најголемиот фактор за загадување е тоа што системот, односно начинот на којшто се затоплуваат домовите сѐ уште користи дрва и сѐ останато (уље, паркет, стари плакари). Тоа отприлика е 60 отсто од причините зошто имаме загадување и висока емисија на ПМ2,5 и ПМ10 честички. И тоа не се решава преку ноќ, за тоа ќе треба време – рече Мицкоски, на денешната прес-конференција по потпишувањето на договорот за субвенции со менаџерот на „Бреинчајлд“.

Мицкоски најави дека се  во потрага по партнери, коишто „на основа на пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратешки инвестиции во минатото, заеднички со владата ќе вложат во систем на затоплување на нашите домови којшто ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно когенеративни централи, коишто ќе произведуваат и електрична енергија и топлина“.

– Имаме во план неколку да направиме и на тој начин цениме дека барем за шеесетина проценти, кога ќе ја добие оваа целосната апликација од 100 проценти, барем за шеесетина проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме тоа да го развиваме. Да предупредам, тоа нема да биде денеска – следната недела ќе биде исчистен воздухот. Можеби за 3-4 години од денес, бидејќи до сега не е ништо направенио. Но, да, ова е единствениот начин како веднаш да реагираме и да напрвиме нешто со коешто ќе успееме да го подобриме квалитетот на воздухот. Магија не постои, чудо не постои. Денеска ако почнеме тоа да го развиваме, а веќе го развиваме, резултатите за три до четири години ќе ги очекуваме – рече Мицкоски.

Идната влада не се откажува од когенеративни централи за гас, ќе се градат две

Инаку, претходната влада исто така имаше големи планови на полето на енергетиката, но четирите проекти кои беа доставени до Собранието, не го поминаа собранискиот филтер, во голема мера и поради противењето на тогашната опозиција, која сега е на власт. За потсетување, станува збор за четири договори за стратешки инвестиции за изградба на капацитети од обновливи извори: „Соларна електрична централа – Пехчево“, „Соларен парк Стипион“, „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и АИМ „Греен тец“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен Тецх“ ДООЕЛ Скопје кој предвидуваше комбинација од три технологии: соларна енергија, мотори на гас (технологија која е компатибилна и со водород, правејќи ја адаптирана на иднината) и можност за батерии за балансирање на мрежата.