Мицкоски: Односите со Бугарија никогаш не биле полоши
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во Македонски Брод порача дека со премиерот Зоран Заев на чело на државата ЕУ станува се по далечна, а односите со Бугарија никогаш претходно не биле полоши од сега.
-Вчера, иако стана јасно по пораките кои ги добивме како држава, дека ЕУ со Заев Заев на чело на државава станува далечна цел, а односите со Бугарија никогаш не биле полоши, сепак тој своите митинзи ги започна со пренесување поздрави од ЕУ, бидејќи само тоа им остана, вели Мицкоски.
-Јас нема да пренесувам поздрави, јас ќе кажам една шега која се кажуваше вчера меѓу луѓето, бидејќи велат духот на народот, цврстината и мудроста се состои во тоа човек да се насмее дури и тогаш кога тешки облаци надвиснале на нашите судбини. Се возеле во авион Меркел, Макрон, Борисов, Јанша и Заев, кога наеднаш пилотот вели авионот се расипа, мора да го напуштиме. Арно ама во авионот има само 4 падобрани. Го зема падобранот Макрон, и вели морам да ја спасам Франција, не смеам да завршам вака. По него Радев го зема падобранот и вели дека мора да ја спасува Бугарија. Доаѓа редот на Зоран Заев, зема и тој и вика – јас морам да ја спасам мојата држава, не вели Македонија бидејќи тоа му е забрането и остануваат уште Меркел и Јанша. Меркел му вика на Јанша, види јас сум во години, еве ќе се жртвувам и за Германија и Словенија, земи го ти последниот падобран и спасувај се. Јанша и вели дека има два падобрани, бидејќи Заев рипна со својот ранец, рече Мицкоски.
Ете така драги мои Заев се однесува како во оваа шега, со ранецот кој мислел дека е падобран, импровизаторски, формално, без суштина. Но, тој создава проблеми, без да биде свесен за последиците кои ги прави за државата и идните поколенија, а се грижи само за својот спас и спасот на тесната клика околу него, нагласи Мицкоски. Тој го обвини Заев дека наместо да ги решава проблемите отворил 1000 нови.