Мицкоски од Вашингтон: Блокадите и опструкциите треба да станат реликвија на минатото


Премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама и на Црна Гора, Милојко Спајиќ оствари средба со сенаторката Џин Шаји, сенаторот Том Тилис и со членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО. На средбата претседателот на Владата Мицкоски посочи дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот.

Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.

Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена, истакна Мицкоски кој додаде дека потребен е нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти.

Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани, како и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кој преставува најголема закана за напредокот. Македонската влада е посветена кон развиена економија и воспоставување на владеењето на правото, истакна премиерот Мицкоски.

Во рамките на посетата на Вашингтон премиерот Мицкоски учествуваше на отворањето на НАТО самитот кој продолжува и во текот на денешниот ден.