Мицкоски од НАТО: Чест е и задоволство да сме во вакво друштво

„За нас е посебна чест и задоволство да се биде во друштво на овие луѓе, заедно со нив да го одбележиме овој јубилеј – 75 години од постоењето на НАТО алијансата, најголемата одбранбена алијанса во светската историја. Како држава, подготвени сме да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и вледеењето на меѓународното право“, порача премиерот Христијан Мицкоски пред почетокот на самитот на НАТО.
Тој фодаде дека како малуброен народ, сакаме да потврдиме дека она кое што е за нас важно, кога ќе се разговара за важните прашања, да се донесат најзначајните одлуки кои што ќе ја моделираат иднината на човештвото во наредните декади.
„И ние ќе го дадеме својот придонес, Македонија како држава има намера да продолжи на тој начин да функционира и да ги промовира вредностите. Како македонска влада, сакаме да бидеме рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани“, кажа Мицкоски , останувајќи доследен на најавата дека во изјавите ќе го употребува името Македонија, а не Северна Македонија.
Изјавата беше дел од официјалниот настан, но не и дел од официјалните состаноци. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во првата изјава на влегување не го спомна воопшто спорот со нашата нова влада
Мицкоски најави исто така дека како држава остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија.
„Тоа е нешто коешто е многу важно, затоа што само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела“, додаде Мицкоски.
Мицкоски на Самитот на НАТО во Вашингтон ја предводи македонската делегација во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.