Мицкоски очекува поддршка Африм Гаши да биде избран за претседател на Собранието – Апасиев со непристоен предлог


Фото: Б. Грданоски

Пред почетокот на конститутивната седница за 11 парламентарен состав на Собранието, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека очекува сите кои се потпишале да дадат поддршка за Африм Гаши да биде претседател на Собранието.

– Очекувам поддршка од сите оние кои се потпишани, Африм Гаши да биде претседател на парламентот  – рече Мицкоски пред новинарите.

Прашан да го коментира Димитар Апасиев, кој понуди бланко поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, само Гаши да не биде претседател на Собранието,  Мицкоски рече дека Апасиев пред изборите имал бланко понуда да се приклучи и да застане на страната на македонското национално единство.

– Тој одлучи повеќе да се посвети на прашањето каде ова лето да ужива, дали на Хургада или на друга грчка плажа и како што еден од неговите поранешни сопартијци вели дека тие биле група џанаци, така продолжува да се однесува – додаде Мицкоски.

Претходно, Димитар Апасиев, претседателот на Левица, кој во Собранието има шест пратеници, рече дека тие би дале поддршка за политиките на власта, доколку не му се дозволи на Африм Гаши да биде претседател на Собранието.

Фото: Б. Грданоски

– Ние би дале поддршка, од нашите шест (пратеници) да не биде Африм Гаши претседател на Собранието. Отворено го повикуваме Мицкоски – бланко поддршка на невидено, само да не биде косоваризиран повторно македонскиот парламент – рече Апасиев.

Апасиев појасни дека му смета тоа што е противуставно да се зборува на друг јазик освен на македонскиот кога се претседава со седница.

– Тоа значи илегалниот закон за двојачизност… ако зборува на македонски, тогаш може да правиме муабет. Сега вака нема да зборува и повторно ќе воведеме противуставна двојазичност и така, си ги гласавте патриотите, тоа ќе ви биде реалноста – рече Апасиев.