Мицкоски е за поголема минималната плата, но во тоа да не се меша Владата


„Денешната седница на Економско-социјалниот совет ја потврдува нашата заедничка определба – клучните економски и социјални прашања да ги решаваме преку дијалог, партнерство и заемна одговорност. Овој Совет не е формалност, туку темел на социјалната кохезија и стабилност во државата, место каде што интересите на работниците, работодавачите и Владата се среќаваат со цел да се изгради одржлива и правична економија“, вели шремиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски истакна дека целта на Владата е да создаде посилна економија која отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин.

„Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот раст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој раст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително“, рече тој.

Премиерот Мицкоски потенцираше дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите.

„Сакам јасно да нагласам, Владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но исто така сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија“, нагласи Мицкоски и додаде:

„Одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија. Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал“. Премиерот Мицкоски посочи дека Владата ќе продолжи да биде активен и одговорен партнер во овој процес.