Мицкоски не одговара кога му ѕвони Пендаровски


Образложението на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека сега не е време за средба не го обесхрабри шефот на државата Стево Пендаровски. Тој најави вчера дека ќе продолжи да ги бара политичките актери со кои досега не успеал да оствари контакт и дека тоа ќе го прави до крајот на мандатот, затоа што, како што рече, негова задача како шеф на државата е да ја намали поларизацијата во општеството.

За време на викендот, Пендаровски во интервју за РСЕ изјави дека се сретнал и разговарал со лидерите на сите поголеми политички партии, освен со Мицкоски, со образложение дека сега не е моментот. Според информациите од ВМРО-ДПМНЕ, пак, последната покана за средба Пендаровски – Мицкоски била пред неколку седмици, односно во периодот кога се заостри конфронтацијата на релација Скопје – Софија околу ликот и делот на Гоце Делчев. Пендаровски тогаш настапи со изјава дека Делчев се декларирал за Бугарин, ама во исто време се борел за самостојна македонска држава. Со овој став, кој беше понуден како компромисен пристап, Пендаровски наиде на симпатии од бугарските власти, ама го навлече револтот на опозицијата, од чиј табор велат дека тоа бил одлучувачкиот момент за одбивање на средба на Мицкоски со Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот дека Пендаровски треба да се извини за изјавата во однос на Делчев, а дека нивниот лидер е подготвен за дијалог за сè што е во интерес на државата. Од опозициската партија оценуваат дека оваа изјава го нарушила легитимитетот на Пендаровски, ама дека тие немаат проблем со неговото признавање како шеф на државата, односно, како што велат, не го нарекуваат „граѓанинот“, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа на неговата инаугурација, иако Мицкоски не беше поканет на тој чин во парламентот.

Во однос на изјавата на Пендаровски дека вистинското место за лидерската средба е кај претседателот на државата, од ВМРО-ДПМНЕ немаат засега одговор дали Мицкоски би учествувал на таква средба под покровителство на шефот на државата, откако опозицискиот лидер минатата седмица одби да се појави во Клубот на пратеници на покана на премиерот Зоран Заев. Прашањето, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е хипотетичко и не можат отсега да кажат како би постапил партискиот лидер, со оглед на тоа што не може да се претпоставува во какви околности и на кои теми би била свикана евентуалната лидерска средба.

Пендаровски вчера порача дека политичарите треба да бидат согласни околу стратегиските цели во економијата, евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи.

– Мојата задача е да ја намалам поларизацијата на каков било начин, како што можам – со збор, со постапка, со повикување на луѓето кај мене или со мое одење кај нив. Мислам дека политичките поделби никогаш не биле подлабоки и поголеми во нашата историја како независна држава и дека прва задача на секој од нас, кој во одреден временски период е на некоја функција, е да ги намалува тие разлики. Секој од нас доаѓа од одредена политичка партија или политички амбиент. Јас не сум член на политичка партија, меѓутоа со години сум застапник на одреден тип политички идеи и на одреден политички концепт – изјави Пендаровски.

Тој уште во втората седмица од преземањето на функцијата (на 12 мај годинава) оствари средба со лидерите на двете опозициски партии од албанскиот блок – Беса и Алијанса за Албанците, како и со лидерите на повеќето парламентарни партии, а откако во инаугуративниот говор најави дека ќе посвети посебно внимание на соработката со опозицијата, по излегувањето на државата од етапата на кохабитација во извршната власт. Оттогаш поминаа повеќе од два месеци,а единствено Мицкоски не влезе досега во претседателската резиденција.

Пендаровски вели дека неговите политички гледишта не го спречуваат да разговара со луѓето кои имаат целосно различен концепт од неговиот за развој на државата.

– Досега со некои од нив не успеав да воспоставам контакт, но моја задача е да се обидувам. Ќе се обидувам да ги добијам и бидете убедени дека ќе направам сè во овие пет години од мојот мандат да ги намалам тие тензии – рече Пендаровски.

Неговиот мандат на чело на државата истекува дури во мај 2024 година, за разлика од Мицкоски кој има мандат на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ уште две и пол години. Парламентарните избори в година, всушност, би биле одлучувачки дали Мицкоски ќе остане во опозиција или евентуално како нов премиер ќе влезе во кохабитација со Пендаровски. Но пред одржувањето на новите избори, лидерите на владејачките партии и на опозицијата треба да разговараат за измени во изборната регулатива, вклучително со можноста за промена на моделот за избор на пратеници; за судбината на СЈО, како и за пописот што претстои, а кој до скоро се сметаше како мошне важна операција и за реално прочистување на Избирачкиот список. Меѓутоа, Заев минатата седмица не успеа да почне дијалог со Мицкоски за овие прашања, а во меѓувреме Пендаровски се понуди да биде медијатор во комуникацијата меѓу партиите на власт и во опозиција.

Тој смета дека барем за неколку работи, кои се стратегиски важни за државата не треба да има расправии: генералниот концепт на економски развој, според Пендаровски, не смее да биде камен на сопнување меѓу партиите; Северна Македонија, како што рече, мора комплетно да биде интегрирана во евроатлантските интеграции; меѓуетничките односи, како што додаде, мора да бидат стабилни.

– За сè друго може да се расправаме до утре. И во парламент и надвор, и со демонстрации, но за ова мора да имаме државен консензус – нагласи Пендаровски.

Шефот на државата смета дека нема да се вратиме во состојбата од пред неколку години или, како што рече, кон тоа ниво на поделби и кон тоа ниво на расправии и кавги.

– Она што го слушаме од политичките партии е вообичаен балкански декор на препукувања, но не можам да видам некакви трендови кои упатуваат кон тоа дека ние влегуваме во нова неизвесност, во некакви безбедносни предизвици и закани кои можат на среден и долг рок да не стават повторно во лоша ситуација. За тоа има голема улога што затворивме две големи прашања, со Грција и Бугарија, и што практично во овој момент немаме отворени прашања со соседите. Со завршување на интеграцијата во НАТО и почнување на преговори со ЕУ, генерално одиме кон стабилизација и кон смирување на состојбите – вели претседателот.

Според неговите проценки, не очекува стабилен период, иако, како што рече, политичките препукувања ќе продолжат можеби и со поголем интензитет, со оглед на тоа што влегуваме во изборна година.

 

Посетите на Хан и Рикер – шанса за дијалогот

Претходниот шеф на државата Ѓорге Иванов во периодот откако беше реизбран на функцијата, за разлика од првиот мандат, не успеа да се наметне како покровител на политичкиот дијалог, со оглед на политичката криза што почна да се наѕира веднаш по двојните избори во 2014 година и неговата позиција на претседател кој не беше признаен од тогаш опозицискиот СДСМ, но и од и тогаш владејачката ДУИ. Поради тоа, преговорите во Пржино, што следа кога политичката криза почна да добива замав, се одвиваа под покровителство на меѓународниот фактор.

Доаѓањето на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан в четврток во Скопје, на неполни три месеци пред заминувањето од функцијата, а следниот ден и првата посета на Филип Рикер на земјава откако ја презема функцијата помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, се смета за можност за ревитализирање на политичкиот дијалог во земјава. Во агендите на двајцата дипломати, покрај средбите со државниот врв се предвидени и состаноци со претставници на опозицијата, поточно со Мицкоски. Со оглед на тоа што двете посети се во период на нови внатрешно-политички превирања, додека се заокружува ратификацијата на Протоколот за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО и се чека во октомври земјата да добие почеток на преговори со ЕУ, проценките се дека доаѓањето на Хан и Рикер може да претставува ветар во грбот за новиот претседател да успее да ги седне на иста маса лидерите на политичките партии.  Александра М. Митевска