Мицкоски не добил покана за инаугурацијата на Пендаровски


Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не добил покана за присуство на денешната инаугурација на новиот претседател на државата Стево Пендаровски.

– Претседателот Христијан Мицкоски денот ќе го помине стандардно, со утринска прошетка на Водно, а потоа продолжува со работни ангажмани во седиштето на партијата кадешто има однапред закажани состаноци и средби – велат од партијата.

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе биде инаугуриран на седница во Собранието на Република Северна Македонија, со што и официјално ќе го започне неговиот петгодишен мандат.

На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.