Мицкоски најавува предвремени избори откако со месеци демантираше
Премиерот изјави дека „набрзо ќе има избори и СДСМ како партија ќе се маргинализира“. Дали ќе бидат пролетта 2027?
Премиерот Христијан Мицкоски денес навести не само реконструкција на Владата туку и предвремени парламентарни избори, најверојатно следната година. Додека одговараше на новинарски прашања околу изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче – дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет – тој излезе со констатација дека „добрата вест е дека набрзо ќе има избори и дека СДСМ како партија ќе се маргинализира“.
Ова е првпат по повеќе негирања тој да навести можни предвремени парламентарни избори. Досега премиерот, кога станувало збор за избори, секогаш изјавуваше дека планира редовни парламентарни избори во 2028 година. Според неофицијални најави можно е избори да има напролет во 2027 година, што го објаснува брзањето да се усвои одлуката за техничката влада и блокирањето на измените на Изборниот закон, за да остане статус-кво ситуацијата во државата.
Прашан за коментар на изјавата на Филипче дека Бугарија никогаш не го негирала македонскиот идентитет, премиерот рече:
„Јас жалам што тие повторно одлучија да коленичат на туѓите интереси наместо да застанат рамо до рамо со Владата во одбрана на националните интереси. Но, добрата вест е дека набргу ќе има избори и по тие избори ќе се случи партијата што тој ја предводи да се маргинализира. Јас се надевам дека и тој и таквите како него засекогаш ќе исчезнат од политиката и ќе дојдат луѓе што си ја сакаат, си ја љубат татковината, што се вистински патриоти и кои ќе се борат за оваа држава заедно со оваа Влада и со мене“, рече Мицкоски.
Премиерот досега претпочиташе дека Владата треба да го истурка мандатот и предвремени парламентарни избори да нема. Тој во март ја отфрли можноста за предвремени избори годинава, со образложение дека фокусот на Владата останува на реформите и на меѓународната агенда. Тој, исто така, рече оти наместо изборно соочување, пролетните месеци треба да донесат преговори за освежување на кадрите во извршната власт. Но, премиерот не прецизира дали се можни избори следната пролет. Тој во неколку изјави досега ја предупреди опозицијата да внимава што посакува, односно дека може да им се остварат желбите за избори.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека ја слушнал изјавата на Мицкоски и дека претпоставува оти зборува за предвремени парламентарни избори. Тој потенцира дека СДСМ е подготвен да оди на избори и дека ќе ја победат ВМРО-ДМНЕ.
„Не знам за какви избори зборува, претпоставувам за предвремени парламентарни избори затоа што снемува пари. Тие веќе не можат да делат пари за партиски тендери на блиски луѓе и нема што да прават сега. Јасно е дека со овие методи, на овој начин долго не може да се владее бидејќи ги разобличуваме нивните лаги, ги објавуваме нивните криминални тендери, нивната лажна патриотска политика сè со цел да седиме тука, во место и да нема никаков напредок. Ние сме подготвени за избори кога и да се случат и ќе ѝ ставиме крај на оваа власт, затоа што е криминална и најкорумпирана во цела Европа и затоа што е антинародна, антинационална и затоа што не се грижи никако за иднината на државата и на граѓаните“, рече Филипче.
Мицкоски повтори дека реконструкцијата на Владата ја планира за следниот месец, но не прецизира дали заминувањето на пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ ќе влијае врз разговорите со партијата на Максим Димитриевски при распределбата на ресорите и на кадрите на „Илинденска“.