Мицкоски ќе го достави предлoгот за новата влада во вторник

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите предлози за министри в недела. Мицкоски негира дека има соработка со ДУИ


 

Идниот премиер Христијан Мицкоски најави дека официјалниот список со имињата на министрите заедно со програмата во вторник на 18 јуни ќе ги достави до Собранието на РСМ.

Владата ќе биде со нови и реорганизирани министерства исполнети со луѓе од владејачката коалиција составена од ВМРО ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. И покрај тоа што деновиве веќе се шпекулира со дел од имињата кои ќе ја сочинуваат владата, сепак Мицкоски не откри кој сѐ е во игра за да седне во министерска фотелја.

„Предлозите на коалицијата на ВМРО-ДМНЕ ќе ги објавиме в недела. Партијата си има своја структура која има вертикална организациска поставеност, го почитуваме статутот и работиме по актуелните закони. Седници на Извршниот и Централниот комитет ќе одржиме в недела и таму ќе бидат преставени кадровските решенија со нивната биографија, очекувам членовите да се произнесат по предлозите и ако е позитивно ќе ги соопштаме веднаш на јавноста“, рече Мицкоски.

Мицкоски има 20 дена од добивањето на мандатот од страна на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 6 јуни до Собранието да достави програма и предлог состав на Владата. Претходно веќе најави дека тоа ќе се случи порано додавајќи дека се размислува кога тоа да биде и поради верските празници што доаѓаат – Курбан Бајрам (16 јуни) и Духовден (21 јуни).

Седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од приемот на предлогот. Расправата во Собранието може да трае најмногу два дена. Тој негира дека има некаков договор со ДУИ откако пратеници на оваа партија гласаа за реорганизацијата на владата. Вели дека во опозиција ќе бидат СДСМ, ДУИ и Левица.

Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање  за поддршката од страна на ДУИ за реорганизација на министерствата рече дека е точно дека гласале од ДУИ, но гласале и од „Европскиот фронт“, пратеници на Турската демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници кои не се од ДУИ.

„Очекувавме да гласаат и пратениците кои се дел од коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица. Бидејќи тоа што СДСМ не го кажува, а треба македонската јавност да го знае, е дека јас лично остварував со нив контакти цело време и вратата да го поддржат овој закон за сите пратеници беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери препознаа квалитет во овој закон и гласаа тие треба да дадат одговор, додека дел од идните опозиционери кои не препознаа квалитет или имаа некои други политички математики и калкулации не гласаа“, посочи Мицкоски.

Мицкоски на крајот рекапитулираше со зборовите дека во парламентот во опозиција ќе биде коалицијата „Европски фронт“, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и партијата Левица и дека со тоа ќе биде реализирано второто ветување кое го дале на изборите, по реорганизацијата на Владата –  ДУИ да оди во опозиција.

„Третото ветување 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори ќе ја види македонската јавност на 25 јуни“, порача Мицкоски. (Н.В.)