Мицкоски им се извини на пратениците за обвинувањата за „слугување“ од Левица


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како пратеник се обрати на собраниската говорница и рече дека „им се извинува на сите за непријатностите што ги предизвикале народните избраници на Левица“. Претходно сите шест пратеници на Левица зедоа збор и беа најжестоки против изборот на Африм Гаши за претседател на Собранието, со аргументи дека тоа претставува „етнотрибализација и косоваризација на Македонија“,

– Со неколку клипчиња на социјалните медими ќе се обидат да ве девалвираат, но и граѓаните кои масовно ја поддржаа идната влада. Се извинувам и на оние кои го дадоа гласот за овие малкумина пратеници, кои очекуваат дека со агресивен стил ќе постигнат нешто. Јас сакав само да кажам неколку важни работи што ќе следат – ќе следат години на владеење на право, борба против корупција, но ќе има и вакви егзибиционисти. Ќе навредуваат, омаловажуваат во отстуство на идеја. Имаа можност да застанат зад политиките над половина милион граѓани. Го одбија повикот за национално единство, стопани им се Артан Груби и Али Ахмети, па го бојкотиравте изборот на Гордана Силјановска Давкова за претседател, рече Мицкоски.

На ова следуваше и реплика од страна на пратеникот Димитар Апасиев кој рече дека ова ќе биде уште еден парламент во кој нема да се претседава на македонски јазик.

„Повторно сте на погрешна страна, за косоваризација на македонскиот парламент, но да го видиме вашиот анкетен лист со хидроцентралите кои во меѓувреме можеби ги префрливте на некој. Добро е што се одваживте да бидете јавен функционер. Ние ја одбравме македонската, а вие тиранската платформа“, рече Димитар Апасиев од собраниската говорница.