Мицкоски: ДУИ не смее да има пратеник во Тројката


Христијан Мицкоски во Лозово

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Лозово повика да не му се дозволи на ДУИ и Али Ахмети да имаат пратеник во Третата изборна единица, засилувајќи ги нападите против интегративците кои стануваат сѐ пожестоки во последните денови.

„Народот се обединува околу желбата за промени и сега од нас зависи колкав ќе биде интензитетот на тие промени и колкав ќе биде бројот на пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Твоја Македонија’, но и за идниот претседател Гордана Силјановска- Давкова“, истакна Христијан Мицкоски.

Тој рече дека Али Ахмети со неговите пајташи ќе се обидат да тргуваат со гласот на народот.

„Али Ахмети со свои неколкумина пајташи со вашите крадени пари ќе се обиде да тргува со гласот на народот и треба тоа да го спречиме. ДУИ и Али Ахмети не смеат да имаат пратеник во ИЕ 3 и тоа треба да биде јасно и гласно кажано во оние средини каде ДУИ и Али Ахмети се движат и каде се обидуваат да тргнуваат со гласот на луѓето кои живеат во тие средини. Многу тешко ВМРО-ДПМНЕ влегува во Липково, Чегране, Зајас, а тие некако многу лесно се обидуваат тука во ИЕ 3 да тргуваат со гласот на народот“, истакна Мицкоски.

ДУИ има свои изборни листи во Тројката и Четворката во кои главни кандидати се членови на една партија на Турците. Во овој регион има многубројно турско малцинство.