Мицкоски дава лажни економски ветувања, реагира СДСМ


Наташа Поповиќ од СДСМ

 

„Додека Брисел по кратка постапка му ги враќа законите затоа што не се во согласност со европските стандарди, Христијан Мицкоски повторно црта на табла. Овој пат објавува ‘10 милијарди евра за 10 години’ и ‘57 километри автопат’“, рече на прес-конференција Наташа Поповиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Па, се осврна на изјавите на премиерот:

„Според неговите изјави, во наредните 10 години треба да се изградат и реконструираат патишта, железница, болници, енергетски објекти и други капитални проекти.

Сето тоа, велат, вреди 10 милијарди евра.

Прво, 57 километри автопат за 10 години. Тоа значи 5,7 километри годишно. Ова е смешно. Македонија со ова темпо ќе ја гради својата автопатска мрежа уште неколку децении,  како што ни ветува дека и ЕУ ќе ја чекаме со децении.

Второ, БДП на Македонија изнесува околу 14 до 15 милијарди евра.

Најавата за 10 милијарди евра значи 1 милијарда евра годишно само во инфраструктурни проекти. Тоа е 6 до 7 отсто од целиот БДП секоја година. Ова е огромен износ за ваква мала економија. Но, уште поопасно е што нема ниту еден јасен извор на финансирање“, рече Поповиќ.

Таа ја спомена изјавата на Мицкоски дека Македонија е „трета економија во Европа“.

„Имаме најниски плати во регионот, најниска минимална плата, а цените на основните производи растат секој месец. Како е можно една земја да биде ‘трета економија’ кога нејзините граѓани се меѓу најсиромашните во Европа?

Четврто, оваа најава доаѓа во моментот кога рејтингот на Мицкоски опаѓа.

Затоа повторно гледаме лажни анкети, исто како што Орбан објавуваше анкети дека убедливо води, а на крајот изгуби.

Исто како што Вучиќ објавува свои анкети, а не смее да распише избори“, рече Поповиќ и додаде:

„Лажен патриотизам, лажни анкети, лажни реформи и сега уште еден слој – лажни економски ветувања“.