Мицкоски бара поддршка од невладиниот сектор за борба против корупцијата


 

Борбата со криминалот и корупцијата мора да биде одлучна. Без да победиме во таа борба, не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Владата.

Тој посочи дека на денешната средба, во организација на ИРИ, заедно со невладиниот сектор и дел од членовите на Владата имале можност да поразговараат за една тема којашто, како што рече, претставува акутен проблем за нас како држава, а тоа е високото ниво на криминал и корупција и борбата против нив.

„А како дополнување зборувавме и за доброто владеење, што е претставува императив за оваа Влада. Се надевам дека во периодот којшто следи сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата“, рече Мицкоски.

Тој изрази голема благодарност до Меѓународниот републикански институт и задоволство што може да присуствува и да разговара со невладиниот сектор, бидејќи, како што рече, борбата со криминал и корупција мора да биде одлучна, без да победиме во таа борба не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните.