Мицкоски ѝ пишал на албанската опозиција, таа не му одговара
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги поканил албанските опозициски партии да коалицираат
Уште пред да почне кампањата за парламентарните избори и пред да се случи гласањето, Христијан Мицкоски упатил покана до албанската опозиција да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ но досега не добил одговор.
Ова тој го изјави денеска по средбата со Управниот одбор на МАСИТ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање.
„Упатив официјална порака до албанската опозиција, официјален одговор на мојата официјална порака, до овој момент немаме добиено“, рече тој.
Мицкоски го отфрли предлогот на Бујар Османи за постигнување заеднички консензус за уставните измени, велејчи дека таа можност е веќе испуштена.
„Бујар Османи за таков консензус ја испушти можноста како министер за надворешни работи, кога ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично, имавме прес-конференција и се понудивме да бидеме дел од процесот кој тогаш го водеа шверцерски, тајно и зад очите на јавноста во Македонија“, рече Мицкоски.
Тој уште додаде дека Османи се однесувал неодговорно, авантуристички и егзибиционистички.
„Направи историска грешка, најпрвин што го лажеше сопствениот народ, а потоа го потпиша вториот протокол каде дозволи работата на Комисијата која има за цел да ги утврди историските факти, да биде критериум за напредок на Македонија до полноправно членство во Европската унија“, рече Мицкоски.