Метрото во Париз двојно ќе поскапи за време на ОИ 2024


Цената на билетот за метрото во Париз ќе биде речиси двојно повисока за време на Олимписките игри 2024, најавија денеска локалните власти, додавајќи оти жителите кои поседуваат пропусници ќе бидат заштитени од привременото поскапување, а на посетителите ќе им се наплатува „фер цена“.

„Ќе направиме нова пропусница за Париз 2024, која на посетителите ќе им овозможи патување низ целиот регион Ил-де-Франс. Ќе чини 16 евра дневно, а до 70 евра неделно. Тоа е фер цена“, изјави претседателката на областа Ил-де-Франс, Валери Песрес.

Таа појасни дека цената на билет за метрото ќе чини четири евра за периодот од 20 јули до 8 септември, додавајќи оти тоа нема да влијае на жителите во областа кои поседуваат редовна месечна или годишна карта.

Месечната карта, инаку, чини 84.10 евра.

Париз од 26 јули до 11 август идното лето ќе биде домаќин на Олимписките игри, а од 28 август до 8 септември ќе ги организира Параолимписките игри.