„Метлата“ ќе чисти само со коалициски договор
Министрите на коалицискиот партнер во Владата, ДУИ, кои се најдоа на удар на јавноста како можни жртви на „метлата“ на премиерот оран Заев, не се снајдоа пред камерите и се решија партискиот штит да го стават врз личниот интерес. Постојано повторувајќи дека за кадровските решенија во Владата може да решава само јадрото на политичкиот субјект каде што припаѓаат, тие создаваат извртена слика во јавноста дека нивниот лидер Али Ахмети држи „банка“ на „Илинденска“, велат аналитичарите.
Зад ваквото стојалиште се наредија речиси сите функционери на ДУИ – од министерот за економија Крешник Бектеши, кој стана ултра познат во јавноста по вработувањето на неговата сестра во МЕПСО, до вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Нема тука ништо чудно. Владата е политичка, не е експертска, ја сочинуваат партиите од коалицијата. Секоја партија има свои форуми каде што се предлагаат кадрите што ќе раководат со институциите“, ќе рече Османи, кој и вчера зборуваше за најавената реконструкција во Владата, но со малку поинаков тон.
Според него, кадровски промени во извршната власт ќе значат подобрување на капацитетите во однос на зајакнување на политиките поврзани со економските прашања. Работите ќе бидат појасни по најавената средба меѓу Заев и Ахмети.
„Тие имаа кратка средба на еден настан, но без простор да се отворат овие прашања. Очекуваме деновиве да се оствари тематска средба за потребите од зајакнување на капацитетите на Владата во поглед на фокусот на економските прашања дека ги затворивме политичките теми. И двајцата лидери на коалицијата имаат свој концепт како треба да се зајакнат тие капацитети и треба да седнат и да донесат конкретни одлуки“, рече Османи, кој одржа предавање на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Преговорите и консултациите меѓу коалициските партнери околу важните прашања, вклучувајќи ги и кадровските решенија без притоа нечиј глас да биде посилен во актуелната хиерархија, се одлика и на поетаблирани демократии. Поранешниот премиер на Велика Британија од редовите на Конзервативната партија, Дејвид Камерон, не можеше да издејствува никакви кадровски смени без согласност на заменик-премиерот Ник Клег, лидер на Либерално-демократската партија, која беше коалициски партнер. Актуелен е и примерот со Германија, каде што на власт е коалициска влада на конзервативците на канцеларката Ангела Меркел и германската Социјалдемократска партија (СПД). Јасно е кој е број еден, но се слуша и другиот.
„Тоа е светска и европска пракса. Така се работеше и кога јас бев активен во политиката во 1990-тите години“, вели пратеникот во првите два состави од редовите на ПДП, Насер Зибери.
Моќта на премиерот, оценува тој, зависи од бројот на пратеници што ги има неговиот политички субјект во Собранието.
„Доколку има апсолутно мнозинство, тогаш авторитетот нормално дека ќе му биде далеку поголем и во таков случај тој дејствува понезависно во сите сегменти, па и во делот на кадровската политика. Во ситуација кога му зависи мнозинството многу повеќе треба да води сметка за интересите на коалицискиот партнер. Просторот за самостојно влечење потези му е драстично намален. Но она што е важно е дека и коалицискиот партнер не може да биде рамнодушен бидејќи евентуално негативниот рејтинг на Владата неминовно се рефлектира и на неговата популарност и доверба кај граѓаните. Кога се формира Владата, се договараат кадровските решенија, но и се усогласува партиските програми во една заедничка владина програма. Тие тоа го договорија и на истиот начин треба да продолжат понатаму. Значи, треба да седнат на заедничка маса и доколку премиерот Заев има забелешки за одредени кадри на ДУИ, треба аргументите да му ги предочи на лидерот на партијата Ахмети и да го убеди зошто се потребни нови луѓе на местата кои низ една сериозна анализа се евентуално детектирани како слабост. Дотогаш функционерите на ДУИ на кои им се заканува смена не треба да го користат партискиот штит за заштита на личните интереси“, нагласува Зибери.
Она што во моментов е најголем проблем, според политичките набљудувачи, не е инсистирањето на ДУИ да одлучи за своите кадри, туку помалку несериозниот пристап во изборот нагласувајќи дека според политичката пракса и помалите коалициски партнери партиципираат во Владите со своите политички првенци, вклучувајќи го нормално и лидерот на партијата. Со ДУИ случајот е поинаков.
„Интегративците“ во 2016 година за време на политичката криза ја шокираа јавноста кога пуштија „пионери“ во „прва лига“.
Млади и анонимни. Со скромен стаж во професијата и во политиката. Тоа беше изборот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за новите министри кои ги заменија оние што оправдано требаше да си заминат, како Муса Џафери, Беким Незири… Сите се прашуваа кои се нивните замени кои набргу прегореа – Фестим Халили, Шухрете Елези, Дритон Кучи… Целосен анонимус беше и сегашниот министер за образование Арбер Адеми, кој го замени исполнителниот вицепремиер Фатмир Бесими.
Иако премиерот Емил Димитриев (кој според договорот од Пржино го замени Никола Груевски со мандат до изборите) не се согласи целосно со кандидатите што ги предложи ДУИ, тој до Собранието ја достави комплетно истата кандидатска листа што претходно ја објави ДУИ.
Партијата која сега наводно се бори за судбината на СЈО тогаш соопшти: „Овој наш чекор е продолжение на нашите енергични напори за демократија и еден реформиран општествен и политички систем, со што изразуваме и револт за прислушувањето, продажбата и дистрибуцијата на аудиоматеријалите кои се произведуваат и монтираат дополнително со тенденција да ги оштетат и уриваат напорите за системски реформи“. За одредени министри на ДУИ има сериозни забелешки во јавноста. Останува да се види кој ќе ја преживее „метлата“ и какво образложение за нивната смена во овие нови околности ќе даде партијата.
Наум Котевски