Местото на цигарите е во музеите. Кои се алтернативите без чад?
Сè уште има повеќе од милијарда пушачи во светот. Владите, индустријата и општеството мора да работат заедно за да го забрзаат преминот кон подобри алтернативи
СТОКХОЛМ – Кутија цигари како музејски експонат, поставена на застаклен постамент, пригодно осветлена, а наоколу љубопитни погледи. Ова не е сцена од футуристички филм, туку еден мал детал од конференцијата „Техновејшн без чад“ (Technovation, smoke-free by PMI) што се одржа во Стокхолм, главниот град на Шведска, една од ретките земји во светот кои пушењето цигари го свеле на минимум. За некој кој доаѓа од земја каде што цигарите сѐ уште се како „добро утро“ (а такви, според меѓународни извештаи, сѐ уште се многу), „шведскиот модел“ на земја без чад од цигари (цигари користат помалку од пет отсто од популацијата), е вистински културолошки шок.
Основното прашање е зошто некој кој е страстен пушач би се откажал од своето задоволство и би преминал кон производи кои не чадат? Според научници, креатори на политики, истражувачи и технолошки иноватори кои дискутираа за технологијата, иновациите и намалувањето на штетите од тутунот, користењето производи без чад е неспоредливо помалку штетно од консумирањето цигари, како за оној кој ги користи, а апсолутно во однос на луѓето од околината. Зошто тогаш оваа новина во некои земји се прифаќа релативно лесно и е одомаќинета (како во Шведска), а во други е речиси забранета (драстичен пример е Франција)? Накусо, одговорот лежи во доцнењето или неусогласеноста на јавните политики во однос на сознанијата базирани на научни докази.

Што е всушност „Шведски модел“?
„Шведскиот модел“ се однесува на многу успешниот пристап на Шведска кон јавното здравје што ја прави една од првите земји во светот што е прогласена за „без чад“ (дефинирана како земја каде што помалку од 5% од населението пуши дневно).
Оваа пресвртница беше постигната со промовирање на помалку штетни, безчадни алтернативи на никотин, како што се снус и модерни никотински кесички, заедно со строги мерки за контрола на тутунот.
Некои од основните столбови што го прават шведскиот модел толку уникатен се намалување на штетата од тутун, односно наместо да се фокусира само на апсолутна апстиненција, моделот ги охрабрува сегашните пушачи на цигари да се префрлат на значително помалку штетни, незапаливи алтернативи на никотин. Потоа, пристапноста, односно алтернативи како снус и орални никотински кесички (на пр., ZYN) се широко достапни, општествено прифатливи и многу полесни за возрасните легално да ги стекнат и користат во споредба со запаливите цигари.
Еден од столбовите е и прогресивното оданочување: Шведска применува значително пониски акцизи на алтернативни производи без чад отколку на традиционалните цигари, давајќи им на пушачите финансиски стимул да го направат преминот. Конечно, здравствените резултати: Со одвојување на никотинот од токсичните ефекти од согорувањето на тутунот, Шведска се гордее со најниската стапка на болести поврзани со тутунот и смртни случаи од рак на белите дробови во Европската Унија.
Успехот на шведскиот модел е силно промовиран од групи за застапување како што е иницијативата „Шведска без тутун“, која активно ја споделува оваа мапа на патот за намалување на штетата со други земји.
Обемни истражувања
Една од централните теми беше истражувањето како Шведска успешно ја намали стапката на пушење кај возрасните на само 4,5 отсто, ставајќи ја на вистинскиот пат официјално да стане земја „без чад“. Експертите дискутираа како можноста за избор на потрошувачите во Шведска – наместо забраната – го поттикна овој успех.
Овие алтернативи се дизајнирани целосно да го елиминираат процесот на согорување, што е примарна причина за болести поврзани со пушењето. Визијата се темели на нудење на различни алтернативи засновани на наука погодни за возрасни пушачи, вклучувајќи загреан тутун, електронски цигари (вејпови) и орални никотински кесички.
Една од темите е распространетоста на (лажни) информации во врска со алтернативите без чад и никотинот. Експертите за јавно здравје велат дека иако овие производи не се целосно безбедни и содржат никотин (кој предизвикува зависност), тие се значително подобра опција од континуираното пушење цигари.

Брајан Еркила, директор за надворешни работи и раководител на научни ангажмани во PMI USA, вели дека успехот на Шведска не е случаен, туку е резултат на пристап изграден врз научни докази и јасна диференцијација помеѓу производите со висок ризик и алтернативите без чад.
„Луѓето го разбраа ова и го променија своето однесување. Владата го разбра ова и дозволи оваа транзиција да се случи со ограничена интервенција“, вели Еркила, додавајќи дека производите како шведскиот снус значително придонеле за оваа промена, бидејќи содржат значително пониски нивоа на штетни хемикалии во споредба со традиционалните цигари.
Инаку, Шведска до ваквиот статус не дошла лесно, бидејќи во преговорите за членство во ЕУ успеала да произведува никотински кесички, како дел од традицијата, што на некои други земји од регионот не им успеало, па сега нивните граѓани доаѓаат во Шведска да се снабдат со овој производ.
Транзицијата од тутунски производи кон алтернативи без чад се случила следејќи ги научните докази за што придонело за промена на однесувањето кај потрошувачите, но и Владата го разбрала тоа и овозможила премин со ограничена интервенција.

Отсуство на согорувањето
Како што објаснуваат експертите, клучно е отсуство на согорувањето со кое се создаваат штетни хемикалии кои се во чадот.
„Никотинските кесички испорачуваат никотин, но со речиси 99% пониски нивоа на штетни хемикалии. Значи, тоа е многу подобра опција за луѓето кои моментално пушат“, беше посочено на конференцијата.
Учесниците нагласија дека е важно регулативата да се базира на научни докази, кои покажуваат дека цигарите се најштетни, додека производите без чад се многу помалку штетни.
„Регулативата треба да регулира пропорционално на таквиот ризик, за да ги оддалечат луѓето од најштетниот производ цигари кон производ без чад што би можел да биде многу подобар за нив“, вели Еркила.
Д-р Том Прајс, поранешен секретар за здравство и човечки услуги (САД), посочува дека податоците се многу јасни дека користењето алтернативи ја намалува смртноста и ги намалува стапките на болести. За време на неговиот мандат, американската ФДА објави дека постои континуум на ризик од тутунски производи при што запаливиот тутун е на едниот крај од полошите форми на консумирање тутун, сè до работите што се најмалку штетни.

„Тоа беше многу задоволувачко. Конечно, ФДА и нашите здравствени институции го признаваат тоа, но ќе биде потребен подолг временски период за тоа да се усвои низ целата регулаторна шема“, вели тој.
Една од големите заблуди е дека сите производи од тутун и никотин носат иста количина на штета што науката го демантира, а сѐ повеќе тоа го разбираат потрошувачите и јавноста. Оттаму и повикот до јавните политики да информираат за ваквите разлики, но исто така и да ја прилагодат регулативата која ќе ги признае и прифати научните докази.
„Мора да ја следиме науката ако сакаме да го подобриме јавното здравје“, беше посочено на конференцијата.
Подобра алтернатива?
Томасо Ди Џовани, потпретседател за комуникации во PMI, вели дека иновациите не треба да се гледаат едноставно како технолошки развој, туку како средство за проширување на изборите на луѓето и помагање во градењето на иднината.
Како поучен пример тој го наведе безбедносниот појас, измислен од шведскиот инженер Нилс Болин.
И покрај тоа што постоеле научни докази за неговата ефикасност во спасувањето човечки животи и намалувањето на степенот на повредите, било потребно повеќе од една деценија за неговата употреба да стане задолжителна во многу земји. Според Ди Џовани, сличен процес се забележува и со прифаќањето на алтернативните производи без чад во однос на традиционалните цигари, каде што главната штета е поврзана со процесот на согорување на тутунот.
„Токму согорувањето произведува најголем дел од токсичните супстанции што се наоѓаат во чадот од цигарите и се поврзани со болести предизвикани од пушењето. Производите што го елиминираат согорувањето, како што се електронските цигари, производите од тутун што се загреваат и производите за орална употреба без чад, може да претставуваат подобра алтернатива за возрасните пушачи кои инаку би продолжиле да пушат цигари“, тој.
Иако дебатите за намалување на штетата од тутунот не се нови, а експертите и меѓународните институции за јавно здравје со децении дискутираат за потребата од алтернативи со помал ризик за пушачите кои не се во можност да се откажат од никотинот, сепак, технологијата (како на пример капацитетот на батеријата, квалитетот на вкусот…) не дозволувала пробив. Зголемувањето на инвестициите во истражување и развој, како и основањето истражувачки центар, придонеле работите да се променат.
Досега се инвестирани над 16 милијарди долари во истражување, развој и комерцијализација на производи без чад.
„Во моментов, околу 1.600 специјалисти, вклучувајќи научници, техничари и помошен персонал, работат на континуиран развој и подобрување на ова портфолио. Само во текот на 2025 година, 99,7% од трошоците за истражување и развој на компанијата биле наменети за производи без чад“, вели Ди Џовани.
Производите без чад на PMI сега се достапни на 108 пазари низ целиот свет и ги користат повеќе од 43 милиони возрасни лица. Во првиот квартал од 2026 година, бизнисот со производи без чад сочинувал приближно 43 отсто од нето приходите.

Како што посочи Ди Џовани, Шведска е еден од најзначајните примери за трансформација на пазарот на никотин и каде што употребата на алтернативи како што се снус и никотински кесички придонела за значително намалување на стапките на пушење во земјата.
„Сè уште има повеќе од милијарда пушачи во светот. Владите, индустријата и општеството мора да работат заедно за да го забрзаат преминот кон подобри алтернативи за возрасните пушачи и да изградат иднина каде што традиционалните цигари ќе заминат во музеите“, посочи Ди Џовани.
Една од клучните пораки е дека иновациите мора да функционираат во согласност со човековото однесување, а не против него.
Овој начин на размислување е она што ѝ овозможува на иновацијата да има вистинско влијание. За жал, на владите честопати им требаат години за да го разберат влијанието на иновациите.