Место нови избори ќе се продолжи рокот за в.д. градоначалниците?
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, одлучи да се повлече од градоначалничката функција во Сарај и да ѝ се посвети на пратеничката работа како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Поради тоа во оваа општина ќе треба да се одржат предвремени локални избори.
Инаку, Блерим Беџети е поранешен министер за правда и висок функционер на ДУИ. Тој минатата година беше еден од лидерите на „огнената група“ на ДУИ која побара реформирање на партијата, но по извесно време соопшти дека се враќа во „старото јато“ велејќи дека низ разговор се надминати недоразбирањата.
Од редот на градоначалниците, за пратеник во новиот парламентарен состав беше избран и Билал Касами од Тетово. Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, до Собранието достави изјава дека се откажува од пратеничкиот мандат и побара истиот да не му биде верифициран, односно, тој одлучи да остане да ја извршува градоначалничката функција.
Името на градоначалникот на Гостивар, пак, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, се погласно се спомнува како иден министер за здравство. Прашан за тоа дали ќе биде министер, Таравари вчера на ТВ Канал 5 рече дека во следните неколку денови ќе одлучи дали ќе ја прифати оваа функција. Доколку Таравари прифати да биде министер, предвремени локални избори ќе се одржат и во Гостивар.
Покрај Таравари, и името на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, се поврзува со извршната власт, односно тој се спомнува како можен иден министер. Доколку Муцунски стане министер и Аеродром ќе остане без градоначалник, по што предвремени локални избори ќе треба да се одржат и во оваа општина. Според Изборниот законик, функцијата пратеник или министер е неспоива со функцијата градоначалник и со член на совет во општината и Градот Скопје.
Законот за локална самоуправа, во случај кога престанува мандатот на градоначалникот, предвидува распишување на предвремени локални избори во таа општина. Предвремените избори за членови на совет и за градоначалник нема да се спроведат ако до редовните избори има помалку од шест месеци, што не е случај сега бидејќи редовните локални избори треба да се одржат во октомври 2025 година. Од Собранието сепак има најави дека е можно да се направат законски измени со кои во општините ќе бидат именувани в.д, градоначалници и подолго од шест месеци, што би значело дека нема да бидат неопходни нови избори откако веќе организиравме двојни, плус прегласување.