Месечината приредува спектакл во недела – ќе блесне црвено


Фото: Б. Грданоски
Во недела, 7 септември, од Македонија ќе може да се набљудува редок феномен целосно затемнување на Месечината. Се разбира, ова ќе може да се види само доколку времето биде ведро и без многу облаци.
 
Гледано од Скопје, нема да го видиме помрачувањето во целост, туку неговиот втор дел. Месечината ќе изгрее над источниот хоризонт веќе делумно затемнета, но не и целосно.
 
Скопското астрономско друштво ќе постави два телескопа на плоштад Македонија, во центарот на градот. Околу 19 часот очекуваме изгревање на полузатемнета Месечина, која со текот на времето ќе станува сè потемна и ќе добива црвеникава боја.
 

Затемнување на Месечината се случува кога ова тело влегува во сенката на Земјата, односно кога Сонцето, Месечината и Земјата се порамнети. Затемнувањето може да се случи само кога имаме полна Месечина, но не се случува секој пат поради накосеноста на месечевата орбита и не доаѓа секогаш до вакво порамнување. Сепак, на неколку години можеме да уживаме во оваа појава. За разлика од целосно затемнување на Сонцето, кое можеме да го видиме само од подрачјата кои се поблиску до тоталитетот, затемнувањето на Месечината е видливо скоро од целата земјина хемисфера која е свртена од Сонцето, односно која е во ноќ. Текот на затемнувањето се одвива релативно бавно така што во оваа појава може да се ужива и по неколку саати.

Геометрија на затемнување на Месечината

Затемнувањето започнува со влегувањето на Месечината во земјината полусенка, со што затемнувањето е послабо и се забележува кога Месечината повеќе ќе се доближи до сенката на Земјата. Делумно затемнување започнува со влегување на Месечината во сенката на Земјата, а целосно затемнување кога Месечината е целосно во сенката на Земјата.

Процес при целосно затемнување на Месечината

За време на тоталитетот Месечината не е целосно црна, но добива црвеникава боја. Оваа појава е поради земјината атмосфера која ја крши светлината од Сонцето, па така дури и ноќта (мракот) не настанува веднаш на Земјата откога Сонцето ќе навлезе под хоризонтот, туку малку подоцна. Кога би се наоѓале на Месечината за време на затемнувањето и би ја набљудувале Земјата, би ги виделе изгрејсонето и заоѓањето и црвенкасто обоената атмосфера.

Затемнувањето на Месечината не е тешко да се фотографира. Може да користите било каков фотоапарат, компактен или рефлексен, но сепак подобри се оние кои имаат можност за мануелно поставување на опциите. 

Повеќе за овој феномен можете да прочитате на следниот линк: