Меркел и францускиот политички врв го поддржаа Трамп во врска со „Твитер“


Германската канцеларка Ангела Меркел има резерви во врска со суспендирањето на профилот на американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер, изјави нејзиниот портпарол во понеделникот, додавајќи дека законодавците, а не приватните компании, треба да одлучуваат за ограничување на слободата на изразување, а Трамп беше поддржан од францускиот политички врв.

Настапот на Штефен Зајберт, нејзиниот главен портпарол, ја одржува загриженоста на Берлин и голем дел од Европа за моќта на големите социјални медиуми како што се Твитер и Фејсбук за обликување на јавниот дискурс.

Односите на германската канцеларка со Трамп не беа блиски за време на неговиот четиригодишен мандат, па затоа нејзината одлука да биде на негова страна по ова прашање е уште поневообичаена.

Твитер трајно му забрани на Трамп да ја користи платформата откако неговите приврзаници упаднаа во Конгресот предизвикувајќи повеќечасовен хаос во кој загинаа пет лица. Платформата објасни дека неговите твитови можат да поттикнат поголемо насилство.

„Правото на слобода на мислење е основно“, рече Зајберт на редовната прес-конференција во понеделникот во Берлин.

„Имајќи го тоа предвид, канцеларката смета дека е проблематично што профилите на претседателот се трајно суспендирани“.

Тој додаде дека практиката на Твитер за додавање предупредувања за неточните твитови на Трамп е соодветна, бидејќи платформата има должност да осигури дека јавниот дискурс не е отруен со омраза, лаги или поттикнување на насилство.

Фејсбук исто така му забрани на Трамп да ја користи својата платформа, како и на Snapchat и Twitch.

Германците се претпазливи во однос на кршењето на слободата на говорот, делумно поради нивното искуство со комунистите и нацистите, кои користеа насилство и цензура за да победат и да ја задржат власта.

Француските политички лидери исто така го осудија протерувањето на Трамп од социјалните мрежи, пренесува АФП.

Министерот за економија Бруно Ле Мер рече дека „дигиталната олигархија сама по себе не може да биде одговорна за регулирање на дигиталните гиганти“.

„Шокиран“ од таа одлука, министерот ја осуди „заканата“ од таа „дигитална олигархија“ за „државите и демократиите“ и изјави дека „суверените народи“, „државите“ и „правдата“ се единствените легитимни за „регулирање на дигиталните гиганти“.

Комесарот на ЕУ, Тиери Бретон исто така рече дека е „шокиран“ од одлуката на социјалните мрежи во врска со Трамп.

Портпаролот на француската влада Габриел Атал оцени дека „замолчувањето“ на една личност на социјалните мрежи, кои станаа „форма на социјален простор“, е сомнително поради „отсуството на критериуми посебно пропишани со закон“ за вакви случаи.

Француската влада се обиде легално да го регулира говорот на омраза на Интернет во 2020 година, но Уставниот совет ја отфрли иницијативата во јуни, велејќи дека се нарушува слободата на изразување.

Во врска со ова, Атал рече дека „постои разлика помеѓу омекнување на содржината и оневозможување на изразувањето“.

Протестираше и француската опозиција, од шефот на радикалната лева партија Непокорена Франција Жан-Лук Меленшон до лидерката на екстремно десничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен, која го опиша како „демонстрација на сила“ од страна на големите приватни компании кои се сметаат себеси за помоќни од државата, што е веројатно точно“.

Претседателот на северниот француски регион От-де-Франс, Ксавиер Бертран, со десна политичка ориентација, повика на „распад“ на некои од овие големи компании, колективно наречени Гафа (Гугл, Епл, Фејсбук, Амазон), заради нивната „закана за демократијата“.

Од друга страна, левичарската европратеничка Аурора Лалук му се заблагодари на Твитер за неговата одлука, „барем еднаш“.