МЕМО издаде 107.666 гаранции за потекло на електрична енергија


Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, во април годинава успешно го воспостави Регистарот на Гаранции за потекло на електрична енергија и за само два месеци издаде 107.666 гаранции.

Како што се истакнува во соопштение на веб-страницата на Националниот оператор, на 26 мај, МЕМО официјално ги издаде првите Гаранции за потекло од обновливи извори на АД ЕСМ, за електрична енергија произведена од хидроенергетските капацитети. Во јуни беа издадени 56.620 гаранции за хидроцентрали, а во јули – 51.046 за фотоволтаични централи.

-Сѐ поголем број компании се приклучуваат кон Регистарот, што претставува клучен чекор во градењето на транспарентен и современ енергетски пазар. МЕМО обезбедува усогласеност меѓу националните и европските регулативи, одржувајќи сигурен и стандарден систем за издавање, пренос и активирање на Гаранциите за потекло. Станува збор за електронски документ чија цел е да им обезбеди на потрошувачите доказ дека определен удел или количина од електричната енергија е произведена од обновливи извори, прецизираат од Националниот оператор на пазар на електрична енергија.