Мексиканската влада формира специјална единица за борба против нарко-картелите


 Министерството за безбедност на Мексико формира единица за специјални операции која би се  борела против нарко-картелите, шест години откако поранешниот претседател на Мексико ја распушти федералната полиција и таа одговорност целосно ја предаде на војската.

Претседателката Клаудија Шајнбаум веќе сигнализираше подготвеност да се откаже од често критикуваната стратегија „прегратки, а не куршуми“ на поранешниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, која се фокусираше на справување со социјалните корени на криминалот наместо директно соочување со моќните картели во Мексико.

Владата допрва треба официјално да го објави формирањето на Националната оперативна единица (УНО), но нејзиното постоење е веќе јавна тајна меѓу поранешните припадници на федералната полиција, каде министерот за безбедност Омар Гарсија Харфуч ја започна својата кариера и од чии членови ќе биде формирана. УНО ќе биде под негова директна команда.

Единицата започна да се формира веднаш откако Шејнбаум ја презеде функцијата. Сега има 250 членови и се очекува до крајот на годината да има 800. УНО ќе има три ограноци распространети низ Мексико.

Неговите сегашни членови се претежно од поранешната федерална полиција и членови на тимот за специјални операции што Гарсија Харфуч го создаде кога беше началник на полицијата во Мексико Сити. Повеќето од нив претходно биле обучени од безбедносните сили од САД, Колумбија, Шпанија или Франција.

Безбедносните аналитичари сметаат дека целта на Харфуч е да има вооружени сили што ќе му дозволат да ги исполни барањата на Вашингтон.

Додека Харфуч вчера беше во Вашингтон на средба со администрацијата на Трамп, Министерството за безбедност објави повик до дипломираните студенти да бидат „првата генерација истражни и разузнавачки агенти“, соопштувајќи само дека тие ќе бидат дел од специјализирана група за зајакнување на безбедноста.