Меѓународните саеми „Органска трпеза“ и „Агро-Мак“ во септември во Куманово


Меѓународните саеми, осмиот на органски и традиционални производи „Органска трпеза“ и четвртиот меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработка „Агро-Мак“ ќе се одржат и годинава од 26 до 28 септември на спортско-рекреативниот комплекс во Куманово, информираа денеска организаторите.

Здружението за развој на земјоделство и заштита на животната средина „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и компанијата „Адут ГВН“, ги организираат саемите со поддршка од Општина Куманово и Министерството за земјоделство.

Претседателот на организацискиот одбор на саемите, Драган Цветковиќ, информираше дека и годинава програмата ќе понуди богати содржини за посетителите. Предвидени се гастрономска манифестација со натпреварувачки карактер и ревијална изложба на домашни миленици и украсна живина.

Организаторите посочуваат дека ваквите настани претставуваат можност за промоција на органски и традиционални производи, презентација на современи земјоделски технологии и иновации, како и поврзување со нови пазари и бизнис-партнери. Со тоа, како што истакнуваат, се унапредува агросекторот, се поттикнува регионалната и локалната економија, а воедно се создава простор за вмрежување и размена на искуства меѓу учесниците.