Меѓу волјата и должноста
Господине премиер, не може да се повлекува еднаквост меѓу било чија лична волја и должноста. Вие сте должни да постапите во согласност со законите кога е во прашање расчистувањето на трагедијата
Следам што се прави и што се зборува во врска со трагедијата во Кочани, скршен, а во исто време и гневен, како и сите сограѓани. Има работи за кои не можам да се воздражам да не го искажам своето мислење. Една од тие работи е употребата на политички говор од страна на луѓето од власта, несоодветен за ситуцијата во која се најдовме.
Паѓаат в очи изјавите на премиерот.
Тој вели: „Нема тука сценарија, српски, вакви или такви. Овде има едно сценарио, или ќе ја добиеме оваа битка или сите ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата“. Или: „Милост нема да има за никој, за уши од дома ќе ги вадиме“.
Да, да се казнат виновниците, секако!
А сепак, се задржувам на изјавите на премиерот во кои, покрај другото, се забележува силно изразена неговата лична волја, негова како премиер и на власта, да се расчистело со злото. Тоа се гледа во постојаната употреба на заменките „јас“ или „ние“.
Господине премиер,
не може да се повлекува еднаквост меѓу било чија лична волја и должноста. Вие сте должни да постапите во согласност со законите кога е во прашање расчистувањето на трагедијата, а не според волјата и решеноста, зашто денес може да имате волја, а утре да немате. Платон уште пред дваесет и пет века рекол дека со државата треба да владеат законите, а не поединците, луѓето.
Замислете, пред дваесет и пет века!
Премиерот вели: „Или ќе ја добиеме битката или ќе излеземе поразени и ќе ја нема државата“.
Но, која битка ќе ја добиеме? Битката е изгубена, изгореа педесет и девет млади луѓе и 150 се по болниците. Тоа беше сега, пред неколку дена. И поразени сме. А државата? Тука, мислам, премиерот си става преголема мака на себе (иако употребува прво лице множина). Белким нема, само поради евентуалната негова слабост или слабоста на сегашната власт, да ја изгубиме државата. И уште, зар она „ќе ја нема државата “ нема призвук на политичко заплашување?
И уште една работа.
Гледаме, навистина се прават напори за расчистување на случајот со трагедијата. Но што е со прашањето за моралната одговорност на власта што некои новинари и коментатори го покренаа во медиумите? Има впечатливи примери во врска со ова, како во Јапонија, така и не знам во кои други земји, со изградени морални традиции и во политиката. Кај нас само еднаш се има случено, министер, од морални причини, да даде оставка. Тоа беше Антони Пешев, кога падна оној авион којшто тој ниту го управуваше ниту во него се возеше.
При големите трагедии, ваквите гестови не само што говорат многу за релаксирањето на ситуацијата, за спласнување на напрегнатоста и за задржувањето на довербата, туку значат и за моралната вертикала на општеството. Не е добро да се има политика без моралниот аспект. Колку политиката е поблиска до моралните начела и вредности, толку е поблиска до луѓето. Впрочем, политиката ја практикуваат луѓе. Од пресудно значење е, како што вели и Ларс Свендсен, да не се губи човечноста од вид во полза на идеологијата, или во полза на припадноста на групата.
(Димитар Башевски е писател)