Мега-интервју со Симон Трпчески: Славата не ме смени, останав со здрав разум


Лејла Сабит

Фото: Приватна архива

Првото што ми доаѓа на ум, веројатно е нешто што самиот себе си ќе си го кажам „еее Симе и ова беше и она беше“ . Дури кога ќе се потсетам на одредени концерти, на одредени места што сум ги посетил и на одредени случки од секојдневниот живот, неверојатно е дека тоа се случило во овие  20 години. Еве, вчера гледавме со ќеркичката кога била помала…. евоцирање  на некои спомени. Да бидам искрен тоа е една комбинација на чувства и мисли. Јас се водам по таа моја максима која што ја научив од татко ми „Per Aspera ad Аstra“ или низ трње до ѕвездите , вели за „Независен“ маестро Симон Трпчески за големиот јубилеј што ја одбележува неговата светска кариера.

Во мега-интервјуто Трпчески открива и зошто останал во Скопје, кои се митовите и заблудите што ги следат виртуозите, кои славни личности му оставиле впечаток, зошто е „абнормално нормален пијанист“ и која публика е најдобра.

Со принц Чарлс на Светски натпревар во Лондон, 2000

Дали за 20-годишниот јубилеј планиравте славенички концерт и каде?

-На тие датуми практично на 29 април кога беше финалето од натпреварот во Лондон, (каде бев еден од победниците) практично требаше да имам прва проба и следеа три концерти со Кралскиот Шкотски Национален  Оркестар, во Глазгов и во Единбург . На тие датуми се преклопуваа причините за славење. Инаку, посебен  славенички концерт, можеби ќе се случеше во овој период, кој што практично ги промени животите на сите, не велам дека можеби нема да се случи, убаво би било тоа да биде дома, се разбира. Доколку не се случи оваа година, можеби следната ќе се случи, само да сме здрави и живи, се разбира.

По 20 години професионална кариера, што прво ви паѓа на ум? Тешките моменти, среќните моменти, славата, семејството или тоа што останавте со здрав разум?

-Убаво ви е прашањето, ви благодарам. Од многу брзото темпо на живот и со најразлични активности на различни страни не ми останува многу време да застанам и да направам некоја поголема ретроспектива….Меѓутоа од сите работи што ми ги напоменавте, ќе го одберам здравиот разум што е сигурно најскапоцената работа, заради тоа што без него, човек нели народски кажано ќе забега и ќе скршне од вистинскиот пат на стабилност, посветеност, и некој нормалитет би кажал, бидејќи тоа е еден синџир во една ваква специфична професија. Ако почнам да размислувам на таа тема, сигурно ќе ми се свртат многу работи и ќе ми се измешаат. Првото што ми доаѓа на ум, веројатно е нешто што самиот себе си ќе си го кажам „еее Симе и ова беше и она беше“ . Ѝ дури кога ќе се потсетам на одредени концерти, на одредени места што сум ги посетил и на одредени случки од секојдневниот живот, неверојатно е дека тоа се случило во овие  20 години. Еве, вчера гледавме со ќеркичката кога била помала…. евоцирање  на некои спомени. Да бидам искрен тоа е една комбинација на чувства и мисли. Јас се водам по таа моја максима која што ја научив од татко ми „Per Aspera ad Astra“ или низ трње до ѕвездите и тоа ме води заради што знам дека сум имал многу потешкотии, животот е борба. Практично, предизвиците ме правеле уште посилен и покреативен за да го изнајдам решението и да излезам како победник, значи низ одредени потешкотии доаѓаш до среќните моменти, што го прави чувството уште поубаво. Јас сум во принцип многу позитивна личност и секогаш мислам на убавото. Сигурно дека без семејството тоа воопшто немаше шанси да се изреализира.

Вие сте пијанист од светска класа. Како се заслужува тој епитет? Кои се митовите и заблудите што ве следат вас виртуозите, кои на рака можете да се изброите?

-Врвот е релативна работа, иако сигурно дека една група на музичари се некаде таму горе на пиедесталот. Јас не сум се преоптоварувал никогаш од мислата дека треба да бидам светски пијанист. Како ќе ме перципираат луѓето се разбира,светски или не светски или регионален, тоа би рекол дека е веќе некое друго прашање кое што е испреплетено со неколку работи, бидејќи тука особено во денешно време имаат голема улога менаџерите, а особено маркетинг светот кој што знае буквално вратоломно да ги смени животите на многу луѓе иако тоа може да е сосема неоправдано од уметнички аспект. Јас само сакам да бидам вистинит и реален во поглед на самата музика. Музиката беше најчистата побуда за мојата определба. А одредени сега веќе  мал број на луѓе знаеле да го почувствуваат она што јас сакам да го пренесам и начинот на кој го пренесувам преку моите изведби, така што, веројатно на тој начин се добива тој некаков епитет за кој што вие ме прашувате. Јас навистина сум горд што доаѓам од една мала земја, но историски многу поголема од многу други големи. На многу природен начин без никакви притисоци и  да кажам странични инекции, вештачки, неприродни, успеав без ништо од  тоа.

Concert House,Виена

Дали отсекогаш сакавте да бидете пијанист или ве влечеа други професии? Како се заразивте со пијаното?

-Мојата прва љубов е хармониката. Пораснав во семејство каде што се гаеше македонската народна музика, иако моите родители не беа музички образовани. Татко ми беше судија, мајка ми фармацевт. На четири години почнав да свирам на хармоника и тоа ми беше првиот природен и спонтан контакт со музиката. Меѓутоа  во тоа време бидејќи немаше хармоника како предмет да се изучува  во музичкото училиште во Скопје,  мене како на дете ми беше природна асоцијација пијаното, заради сличноста на клавијатурата, иако од денешен аспект се разбира тоа се два различни инструменти. Посериозно почнав да му обрнувам внимание на пијаното некаде на 8, 8 и пол годишна возраст кога дојдоа професорите Романови од тогашниот Советски сојуз односно Русија, да живеат во Скопје. Полека , полека јас сериозно навлегов во тие води, не знаејќи колку е напорен тој пат. Меѓутоа, сето тоа одеше на природен начин, што е најважно, и јас напредував. Што се однесува до други професии, уметноста мене секогаш ме привлекувала, меѓутоа и во друга гранка на уметноста би се снашол освен во ликовната за која што немав голема дарба.Ме влечеше и спортот , особено фудбалот. Но во секој случај, знаејќи се себе си како дисциплинирано, послушно и вредно дете, што и да фатев сигурно дека ќе беше солидно завршено, во рамките на условите и можностите.

Дали имате ритуал пред секој концерт?

-Немам некој посебен ритуал, доколку имам можност во зависност од распоредот на  денот и на пробите, се трудам да дремнам попладне. Се бричам, одам да го пробам клавирот во сала, да се расвирам, едноставно за да се внесам во  атмосферата на делата кои што треба да ги изведувам, така што посебни ритуали немам, на најприроден начин се подготвувам за концерт.

Треба ли да се внимава на исхраната и да се биде во завидна физичка кондиција?

– Нашата професија е слична како на спортистите, бидејќи постојано треба да сме во форма заради тоа што самото подготвување на одредена композиција бара доста време. Дали на пијано или на друг инструмент, се троши доста физичка , а дополнително и интелектуална енергија. Треба да се имаат во предвид и пробите, патувањата, состаноците, интервјуата, човек навистина треба да е во одлична форма и да се труди да си го одржува телото во добра кондиција. Во здраво тело, здрав дух, македонскиот јазик е полн со поговорки, досетки, интересни изрази, мудрости. Исхраната…. и на тоа треба да се внимава, да не се претерува со она што не му годи на организмот. Јас јадам навистина се, но и внимавам, иако се трудам да јадам здраво. Но јас сум гурман и сакам да јадам и да дегустирам, не си ги кратам тие задоволства кога ќе имам шанса.

Кој ви ја избира гардеробата пред настапите? Ја шиете или ја купувате?

– Уште како дете, со оглед на тоа што од рана возраст почнав да настапувам, сета таа одговорност беше на мајка ми (во дослух со сестра ми), која што се грижеше секогаш облеката да биде избрана со вкус, да е отмена, културна, и на тој начин и кај мене се создаде вкус и однос кон гардеробата за настапите. Веќе подолго време и на сопругата и е интересно и задоволство да ми наоѓа гардероба од различен стил. Во повеќето случаи се купуваат смокинзи, кошули и пеперутка вратоврска. Мe потсетивте, во Сеул во Јужна Кореја, кога свирев со Сеулската Филхармонија, диригентот ми рече: Најдов едно место тука во близина на хотелот, да се симнеме, имаат добри материјали и добро шијат. Се согласив. Најдовме одлични материјали. Јас си избрав сам смокинг и сеуште го носам со задоволство. Со софистициран дизајн е, мек, убав. Ми земаа мерки, ми го сошија и бев многу среќен што си го купив. Сега за концертот на проектот „Македонисимо“сошивме специјални кошули во соработка со организацијата,  Армариум ( благодарност до нив), ги направиме со специјален вез и во духот на македонската народна носија и специјални кошули за сите колеги, петорица сме во квинтетот  кои што го изведуваме проектот „Македонисимо“.

Makedonissimo, Амстердам

Дали успеавте се да остварите што си замисливте? Остана ли нешто неотсвирено, со некој врвен оркестар или диригент со кои не ви се вкрстиле патишатата?

– Па не, не верувам дека еден живот е доволен за да си оствари се човек што си замислил. Тоа зависи од фантазијата, креативноста ама и од реалните желби. Јас сум човек што го сака животот и навистина го прегрнувам со сета страст и сласт, многу сакам, сакам да сакам, сакам да дарувам и затоа главата ми работи постојано и постојано имам идеи. Моментално работам на програма од Бетовен, како што напоменав оваа година цел свет го слави негоиот јубилеј, тоа се композиции кои што се дел од рециталната  програма што ќе се изведува во текот на следната сезона. Што се однесува до оркестри, се разбира дека има останато уште, практично не се многу, два три оркестри со кои би сакал да отсвирам, да настапам и неколку диригенти со кои што би било убаво да се направи едно искусто на споделување на музичката магија, но јас со сите оние  кои што соработувале со мене, имале можност да видат дека сум тимски играч и дека не ги делам луѓето. На 15 години чинам имав едно интервју, кога свирев во Бугарија, 1996 година со Пловдивската филхармонија во Стара Загора. Веројатно од тогаш веќе и не сум свирел таму. Ми направија интервју и насловот беше „Ќе свирам како што треба, дури  да има и еден човек, кој што ако дошол, дошол со почит и желба и љубов кон музиката и заслужува внимание“. Чувството за одговорност и професионализам, никогаш нема да изостане.

Во текот на кариерата свиревте со London Symphony Orchestra, New York Philharmonic Orchestrа, San Francisco Symphony Orchestra… Има ли разлика меѓу оркестрите и меѓу врвните диригенти?

Да различни се, секој има посебен звук. Некогаш е потврд, помек, или потопол. Зависи од времетраењето на присуството на диригентот, од неговиот вкус. Лани, кога свирев со Њујоршката Филхармонија , по четврти пат,  забележав подобрување од минатиот пат, поголема мекост. Чикашкиот е познат по фантастичниот дувачки корпус, ама е подиректен, како што е случај со Лондонскиот Симфониски оркестар. Што не е случај со Лондонскиот филхармониски оркестар. Се е до вкусовите. Или по бојата на гудачките инструменти,  кога ќе настапат заедно, како Кливлендскиот кој е врвен, знаат да направат фантастична атмосфера. Сум имал концерти и со помалку етаблирани во тој поглед оркестри, кои дале фантастичен звук. Диригентите се разликуваат по толкувањето на едно уметничко дело.  И по педагошко-психолошката способност, образованието и лидерските способности. Голема е одговорноста да се застане пред 60-80 музичари на сцена, да им се пренесе идејата. Јас сум прилагодлив тип и не сум имал проблематични ситуации.

Со актерот Џереми Ајронс, Италија

Кои славни личности со кои сте се сретнале ви оставиле впечаток? Дали се тоа куртоазни познанства или прераснуваат во пријателства?

– Блиску соработував со актерот Џереми Ајронс, на фестивалот „Тосканско сонце“ во Италија на музички-театарски спектакл за животот на Шопен. Темата беше писмата меѓу Шопен и неговата љубовница Жорж Санд. Јас го „глумев“ Шопен- музичарот, а тој, човекот-Шопен. Место Шерон Стоун, една од моите омилени актерки, која не дојде заради обврски, настапи Шинејд Кјузак, жената на Ајронс. Во Лос Анџелес ми дојде Сибил Шепард на концерт, зад сцена ме поздрави. Во Волт Дизни салата во Лос Анџелес, сум се сретнал со славниот акустичар, г-динот Тојота. Во Монтреал го видов актерот Дени де Вито . Да не го заборавам принцот Чарлс, и холандската кралица на концерт во Амстердам.. И вториот човек на „Мајкрософт“ кој ми дојде на концертот во Сиетл…Многу ги има…

Чии дела сакате највеќе да свирите? А кои се најтешки?

– Најразличен репертоар, не сакам да сум монотон, сакам романтичарски композии иако тој поим е релативен како кај Бах, Моцарт, Хајдн, Бетовен, Шуберт…Сите се тешки на свој начин. Оние што аудитивно изгледаат наједноставно и најбавно, се најкомплицирани за обликување и финален звук,  за да звучи едноставно и спонтано. Има технички тешкотии ама не можам да ги делам така композиторите…И Бах е тежок,како и Брамс и Рахмањинов или Чајковски од друг аспект…

Имате ли идол меѓу пијанистите?

…. Ги почитувам авторите, тргнувам од партитурата. Тоа се пијанисти од постарата школа Кемпф, Фишер, Ашкенази… кои оставиле белег и од кои учиме. Рахмањинов и Прокофјев, Рихтер и Гилес, Микеланџели и Корто.

Со оркестарот на Бољшој театар, Скопје

Има ли разлика меѓу публиката на Балканот и низ светот? Каде сакате најмногу да настапувате, ако може така да се каже, а каде имате најмногу трема?

– Кога почнав во да настапувам во Англија имав предрасуди дека се ладни, ама тие реагираат поинаку, со тропање на нозе, големи овации, ретки се стоечките овации, за разлика од Америка. Исто и во Германија. Ако им се допаднеш знаат долго да аплаудираат, руската публика аплаудира во такт, Јапонците многу интересно аплаудираат. И на Балканот е убаво искуството, искрено. Повеќе сакам да свирам на Балканот и во источно-европските земји, ама свирам повеќе на Запад. Во однос на тремата, има еден израз во психологијата- здрава анаксиозност кој повеќе ми одговара на мене. Одговорноста е голема каде и да се настапува.

Меѓу бројните епитети што ги добивате во странскиот печат, фаворит ви е описот на лондонски „Тајмс“ – дека сте „абнормално нормален пијанист“. Што значи тоа во вашиот музички свет?

–  Тоа значи кога ѕвони мобилен на концерт, а јас реагирам со насмевка. Или пак на последниот концерт во Лондон, во центарот Барбикан, јас сосема мирно и со насмевка седев и ја чекав да влезе публиката која беше задоцнета за првата композиција па ја пуштија отпосле. Кога седнаа, кажав една реченица дека трпението е луксуз. И се насмеаја луѓето. Тој истиот новинар кој напиша дека сум „абнормално нормален пијанист“ дојде на концертот во Скопје со оркестарот на Бољшој. Тоа во мојот свет е луксуз да си нормален. Од тој аспект јас сум благодарен за тој комплимент. Но таквата добрина и човештина знае да се злоупотреби, јас сум свесен за тоа и знам како да се поставам.

Колку славата, популарноста, постојаните патувања, ве сменија како човек?

– Не ме сменија многу. Тие што ме познааваат, знаат дека сум ги задржал истите човечки квалитети, принципи и сфаќања. Прво знам кој сум и од каде сум. Сум пораснал во многу скромни услови учејќи ги животните вредности од моите родители, како дел од моето домашно воспитување. Како личност сум многу флексибилен и отворен, учев од разни искуства и од луѓе што ме формираа како музичка личност…Патувањата ме збогатија како човек и ме направија посреќен. Ова е исклучително стресен свет, ако ја тргнете музиката на страна, како нешто најчисто. Живееме во време каде не се вреднуваат високи критериуми, неукоста го прави своето. Се надевам ќе се врати животот кој ги цени вистинските човечки вредности.

Со родителите, братот и сестрата, на магистерски испит, Скопје

Зошто останавте во Скопје? Сигурно имавте понуди во атрактивни центри каде ќе ви беше полесно и за кариерата.

-Да така е, на маката се познаваат јунаците. Јас изодев потежок пат од другите мои колеги. Имав максимална невидена поддршка од моето семејство. Горд сум на постигнатото. Од една мала земја која донеодамна ја немаше на мапата на класичниот музички свет на нивото кое и повеќе го заслужува . Македонија е фантастична земја ама ја испорасипаа. Можевме да живееме како Сингапур, кој ја знае мојата поширока мисла, ќе ме разбере. Духот и топлината имаат влијание зошто останав тука. Секаде е убаво каде што ви е домот. Сум имал можности и се уште имам можности. Но не жалам што останав во Македонија. Горд сум што овде постигнав се. Се чудат луѓето како еден ден сум на концерти во Париз, Њујорк, а следниот ден сум во летните бавчи низ Македонија со добро винце и музика, славејќи ја македонската песна. Балансот е и во враќањето дома, во мирисот на јоргованите и багремите, и на топлината што уште ја има кај нашиот човек, не криејќи ја разочараноста од состојбата во државата. Со малку слога меѓу Македонците, оваа држава ќе цветаше до сега. И немаше да има интелектуален одлив. Имам уште еден период пред мене за да бидам креативен. И се надевам на успеси кои и понатаму ќе ја слават македонската нација и држава. Без разлика дали ќе останам тука или ќе одам.

Сега сте во Скопје и во екот на коронавирусот. Случајно така испадна да бидете тука во каранин или …?

-Последниот концерт ми беше на 7 март во Билбао, Шпанија. Ја следев ситуацијата. Во февруари бев во Ј. Кореја, на азиската премиера на проектот „Македонисимо“. Сакав да бидам дома, иако не знаев дека ова чудо ќе се пролонгира. Здравјето пред се. Ги почитував и ги почитувам мерките.

Карантинот не зближи како семејство и како заедница. Вие постојано повторувате дека без семејството не би биле она што сте. Како ги поминувате деновите во самоизолација?

-Не вежбав многу колку што сакав, сега пред една недела почнав. Во добра форма сум. Ми требаше долго време за реструктурирање на животот, период на анализи, покрај компјутер и на телефон. Се разбира, ми остана време за дружење со децата, имав време да си ги прегледам концертите што сум ги отвирил досега, да ги средам библиотеката и дискотеката . Немам проблем да не излезам од дома со денови, бидејќи дома ми е најубаво. За среќа имаме и двор. Секоја чест за здравствените работници и останатите служби кои беа во првите редови во борбата проти короната.

Дома, мај, 2020

Што најмногу ве плаши од корона-кризата? Здравјето, затварањето на границите или неизвесната иднина?

– Ме плаши човечкиот мозок. Колку што е генијален за убаво толку и за лошо. Здравјето пред се. Ќе се отворат границите кога тогаш и се надевам на позитивен исход од целата ситуација. Мора да се врати светот во каква таква нормала.

Театарџиите велат дека ќе помине долго време додека публиката се врати во театарот заради пред се социјалната дистанца. Дали ќе ви пречи концерт онлајн, или пред празна сала?

– Секој уметник е посреќен кога својата музика може да ја сподели со публиката. Дадов пред извесно време онлајн концерт во живо, за престижен музички магазин „Concerti“ од  Германија. Следниот ден ми кажаа дека 25 илјади посети имало, а сега не сум прашал до каде е бројката. Се работи вредно на опциите, за да се врати музиката во живо. Социјалната дистанца ќе се решава, со помали ансамбли во прво време. Ќе биде чудно. Чувството е полупразно зошто е тоа така, за сите нас уметници, место полна сала, ќе не води мислата дека ова го правиме за доброто на светот. Можеби ќе се случи чудо, не знаеме, човечки е да се надеваме.

Во екот на пандемијата, кои концерти моравте да ги откажете или одложите?

– Имаше 30 концерти што ги одложив. Во март беше со Загрепската филхармонија, …Прв пат требаше да свирам во Темишвар, Романија, потоа во Швајцарија, Шкотска, Германија, Словенија, Данска, турнејата низ Австралија, во Чикаго, до крајот на јули. Ќе видиме што со концертот во Монте Карло кој е во август. Да се надеваме дека од септември ќе се нормализира ситуацијата. Бев активен на постовите низ Европа а и низ светот , за поддршка на здравствените работници, на колегите…

Esplenade Hall, Сингапур

Кои се вашите идни планови?

– Требаше да се издаде новиот албум „Македонисимо“ , обработки на македонски ора и нешто малку песни, од страна на македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее и работи во Англија. Проект кој излезе пред 3 години, со светска премиера во Лудвигзбург, Германија и серија настапи низ Европа, и сега азиската во Ј. Кореја, а требаше и во Отава на 26 јули кој е откажан. Москва и Хонг Конг се нови дестинации за „Македонисимо“, а следи голема турнеја и во Нов Зеланд. Издавањето на албумот ќе се случи на крајот на август. Секогаш сум верувал во потенцијалот и богатството на македонската музика во ваков софистициран формат, кој досега не е слушнат. Многу сум горд на тоа. Реакциите беа потврда за моите визии за овој проект и македонската музика. Следи нов солистички албум кој требаше да се сними во мај ама се откажа. Следат концертите во Норвешка во септември, во Москва, во Хонг-Конг, во Букурешт, Мајами, Амстердам…