Еден од клучните услови за одржување на фестивалот е придржување кон безбедносниот протокол за организирање на масовни настани, кој „ЕГЗИТ“ фестивалот го примени во Нови Сад, но прилагоден кон условите во Црна Гора. На Фестивалот ќе можат да влезат сите кои добиле барем една доза вакцина, сите кои имаат документација дека прележале корона (документ не постар од 180 дена) или сите кои поседуваат негативен резултат на ПЦР тест, не постар од 72 часа. Со оглед на мерките воведени во Црна Гора, можно е условите за влез дополнително да се прошират од 2 август.
Почеток на продажбата на еднодневните влезници во петок, 30 јули точно на пладне!
Во моментов, во продажба се наоѓа ограничен контингент фестивалски влезници за „Си Денс Фестивал 2021“ по промо-цената од 1.999 денари и со заштеда од 40% во однос на финалната цена. Ограничен контингент на еднодневни влезници, по промо-цена од 999 денари за четврток, петок и сабота, односно 1.199 денари за недела, со 40% попуст, ќе биде пуштен во продажба во петок 30 јули точно на пладне и тоа само онлајн на сајтот „Гигстикс“.
Во Македонија, продажбата на влезниците се спроведува преку „МкТикетс“. Повеќе информации може да се најдат на официјалниот сајт на „Си Денс“. На сајтот на официјалната туристичка агенција www.exittrip.org се достапни и туристички пакети кои, покрај влезница, содржат и различни опции за сместување и превоз. Сите влезници купени за изданието во 2020 важат и за овогодишниот фестивал.
Претходните шест години на јадранскиот брег одѕвонуваа хитовите на мегаѕвездите како што се Продиџи, Дејвид Гета, Скрилекс, Фетбој Слим, Свен Ват, Нина Кравиц, Алис Мертон, Ричи Хотин, Џамироквај, Рудиментал, Џон Њуман, Шон Пол, Рошин Марфи, Робин Шулц, Најл Роџерс, но и најголемите регионални музички имиња кои во Будва привлекоа дури 300.000 љубители на добриот звук од сите меридијани. Бројни светски медиуми меѓу кои се и „Си-Ен-Ен“, „Њујорк Тајмс“, „Гардиан“, „Метро“, „Конде Наст“, „Дејли Мирор“, „Дејли Експрес“ и други, го препорачуваат „Си Денс“ како еден од најдобрите светски фестивали на морскиот брег, а својот повеќемилионски аудиториум го советуваат летниот фестивалски одмор да го поминат токму во Црна Гора, етаблирајќи ја Будва и црногорскиот брег како ексклузивна и модерна туристичка дестинација. Низ досегашните шест изданија, „Си Денс“ донесе повеќе од 50 милиони евра во црногорскиот туризам и економијата.