Медлин Олбрајт, првата жена државен секретар на САД, почина на 84 години


 

Медлин Олбрајт, првата жена државен секретар на САД, почина од рак, соопшти нејзиното семејство во средата. Таа имаше 84 години.

Претседателот Бил Клинтон ја избра Олбрајт за прв дипломат на Америка во 1996 година за време на неговиот втор мандат. Во првиот мандат на Клинтон, кога државен секретар беше Ворен Кристофер, Олбрајт беше американски амбасадор во ОН. Како државен секретар таа служеше во последните четири години од администрацијата на Клинтон.

Олбрајт на одреден начин беше поврзана со Македонија бидејќи како амбасадор во ОН таа учествуваше во олеснувањето на приемот на нашата земја во светската организација во пролетта 1993 година. Потоа беше во Скопје при отворањето на американската амбасад во Македонија.

Беше државен секретар во времето на интервенцијата на НАТО над тогашна СР Југославија во 1999 година и ги бранеше нападите врз режимот на Слободан Милошевиќ.

Кога беше избрана за држевен секретар таа беше највисоко рангирана жена во историјата на американската влада. Но поради тоа што беше родена во Прага, Чехословачка, Олбрајт не беше во редот за наследување на претседателската функција.

Татко ѝ на Олбрајт беше чехословачки дипломат во Белград и таа дел од детството го помина во Југославија. Заедно со семејството замина во САД во 1948 година.

„Таа беше опкружена со семејството и пријателите“, објави нејзиното семејство на Твитер. „Изгубивме сакана мајка, баба, сестра, тетка и пријателка“.

Олбрајт остана гласна низ годините. По напуштањето на функцијата, таа го критикуваше претседателот Џорџ В. Буш за користење на „шокот на силата“ наместо сојузи за поттикнување на дипломатијата и рече дека Буш ги избркал умерените арапски лидери и создал потенцијал за опасен јаз со европските сојузници.