Мециновиќ: Дојде времето на одлука и конечен удар


Фото: Б. Грданоски

 

„По првиот круг системот прокрваре. Во вториот круг може да го добие конечниот удар. Нормално, ако ние тоа го направиме, ако го преточиме во одлука. И сметам дека времето на одлуката е дојдено, затоа што мислам дека на сите ни е доста од вакви удбашки, бизнисменски, одвратни приказни кои ги живееме триесет и пет години. Системот е на нозе. Сега Скопје на нас е оставено”, порачува кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ, преку соопштението на Левица. 

,,Ова е класна борба. Класна борба кога имаш две спротивставени страни кои се потполно различни. Една која е наоружана со сите капацитети на државата и друга која сака да се ослободи од тие притисоци”, потенцира Мециновиќ.

Тој додава дека во оваа кампања ги видовме сите можни лични напади, фабрикации, измислици, притисоци кои можевме да ги замислиме. 

,,И зошто мислите дека за прв пат се случува вакво нешто во кампања? Тоа е затоа што за првпат после триесет и пет години им го оспоруваме статус-квото“, вели Мециновиќ.

Подоцна, говорејќи на прес-конференција Мециновиќ рече дека во текот на кампањата, кога станало извесно дека тој и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе се борат во вториот круг за функцијата градоначалник на Скопје, бил обелоденет неговиот ЕМБГ (единствен матичен број на граѓанинот), што е класифициран податок.

„Тоа е нешто што не се случило досега, тоа е страшна злоупотреба и е кривично дело и тоа во отежнати околности“, рече Мециновиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мециновиќ дополни:

Моќта е во институциите и сите институции беа впрегнати во победа на Орце Ѓорѓиевски. Ѓорѓиевски ги немаше сите хендикепи кои ги имаше неговиот противкандидат – ги имаше сите пари на негова страна, сите привилегии за рекламирање, на крај не уценуваа како граѓани – ако не победи Орце, пак, ќе живеат во смет. Сè доби човекот, неговиот тим вади лични документи“.

Прашан дали очекува поддршка од противкандидатите кои не го поминаа првиот круг, Мециновиќ изјави дека не сака да му наметнува морална стапица никому, но одлучувањето в недела е одговорност на секој човек што не сака да ја види земјата под „апсолутна капа на суетни и одмаздољубиви луѓе“.

„Морам да потсетам дека ова е веќе одговорност да се спротивставиме на авторитарниот режим на (Христијан) Мицкоски. Ние не смееме да дозволиме да има апсолутна власт, оваа гарнитура злонамерна да има претседателска функција, владина функција, локални единици, да ни ги држат општините скопски и да ни го држат градот, тоа не смее да се случи. Затоа отворено повикувам на поддршка од сите противкандидати од првиот круг, повикувам на поддршка од сите здраворазумни луѓе, повикувам на поддршка од граѓанскиот сектор затоа што иако сум првостепено кандидат на Левица, ова е веќе кандидатура на Скопје. Како што кажав, победата, ако се случи, ќе биде натпартиска, а таков ќе биде и мандатот“, рече Мециновиќ.

Во првиот круг од локалните избори кандидатот на Левица освои 30.665 гласа, додека неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, имаше 91.663.  

Инаку, вечерва на полноќ завршува кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела, 2 ноември. Со тоа, стартува изборниот молк кој ќе трае до 19 часот во недела кога ќе се затворат избирачките места во општините во државата на кои има гласање во вториот круг.