Мазутот уште ќе се користи за загревање во Гинекологија Чаир


Министерството за здравство ја прекинало тендерската постапка за промена на системот на затоплување во Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, кој е на мазут, енергент кој екстремно го загадува воздухот. Недостигала техничка документација, вели за „Независен весник“ ресорниот министер Венко Филипче.

„Постапката за промена на системот на загревање во Гинекологија Чаир ја прекинавме поради тоа што недостигаат сите потребни документи што требаше да се обезбедат. Фалеше уште една техничка документација, односно решение за реконструкција, согласно Законот за градење објекти за кои не е потребно одобрение за градење. Ваквата документација ја доставува болницата. Чекавме да ја собереме целата потребна документација, по што ќе следува повторување на постапката“, објаснува Филипче.

Првата недела од февруари Филипче рече дека ќе биде почната тендерската постапка за промена на системот на загревање во болницата, што било приоритет на Министерството уште од лани и дека околната инфраструктура е подготвена за гасификација. Тој потенцираше дека проектот е готов и оваа година е ставен во планот за јавни набавки што, пак, бил усвоен крајот на јануари.

Министерот подвлекува и дека со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неколкупати имал состаноци откако градоначалникот на почетокот на минатиот месец укажа дека ако во рок од 30 дена не се смени начинот на затоплување во Гинекологија Чаир, болницата ќе биде затворена.

„Неколкупати имавме состаноци со градоначалникот Шилегов. Го информиравме до каде сме со постапката за промена на системот на затоплување во болницата и зошто ја прекинавме, односно дека чекаме да се комплетираа документацијата. Од негова страна ни беше ветено дека од Град Скопје како институција ќе ни излезат во пресрет, нема да преземат следен чекор да дојде до затворање на болницата, ќе почекаат да ја обезбедиме потребната документација за да ја почнеме постапката“, рече Филипче.

За промена на системот на загревање во Гинекологија Чаир, Министерството издвоило 12 милиони денари, а приоритети за промена на системот на загревање за надлежните се и општите болници во Куманово и Струмица.

Од Гинекологија Чаир велат дека согласноста за реконструкција која била побарана ја доставиле до Министерството за здравство на почетокот на март. И од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека доставиле согласност за безбедност, која била издадена од Одделението за оружје и експлозивни материи.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вели дека за документацијата што Министерството ја барало од Гинекологија Чаир, Општината одржала вонреден совет, при што била обезбедена согласност за реконструкција според проектот што треба да се направи за системот на загревање, премин од мазут на гас.

„Од Министерството за здравство побарале од Гинекологија Чаир согласност за реконструкција, за да се направи пренамена на системот на загревање, од едно снабдување да премине во друго, односно да премине на загревање од мазут на гас. Во Општината свикавме вонреден совет, на дневен ред ставивме една точка за техничката документација, ја поминавме точката, по што документацијата ја доставивме до гинекологијата, бидејќи барањето беше од таму“, вели Ганиу за „Независен“.

Рокот од 30 дена што ги зададе градоначалникот на Град Скопје за промена на системот на загревање во Гинекологија Чаир изминаа. Клуч на болницата не е ставен, иако по неговата изјава беше неизвесно дали ќе функционира и натаму ако нема промени. Градоначалникот Шилегов за „Независен“ рече дека задоволен што Министерството за здравство ја започнало постапката за промена на системот.

„Министерството за здравство ја започна постапката. Моите очекувања се наредната грејна сезона Гинекологија Чаир дека нема да биде причинител на загадувањето во воздухот. Исто така, очекувам и Општина Чаир брзо да ги издаде потребните документи со цел системот за загревање на болницата да биде целосно заменет за наредната сезона“, вели Шилегов.

Вероника Мароска-Леова