Маврови Анови со најмногу дожд во изминатите 24 часа, денеска се очекува невреме низ земјава


Фото: Б. Грданоски

 Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 8:00 часот наврнал во Маврови Анови – 30 литри на метар квадратен, по што следуваат Лазарополе со 27 и Крива Паланка со 23 литри на метар квадратен. Значителни врнежи се регистрирани и во Охрид – 15 литри на метар квадратен, Штип и Крушево 14, како и во Скопје-Петровец и Виница по 13 литри на метар квадратен, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, локално проследени со грмежи. На одделни места се очекуваат поинтензивни процеси во форма на невреме, проследено со пообилен пороен дожд од околу 20 литри на метар квадратен, електрични празнења, засилен ветер и појава на град.

Максималната дневна температура ќе се движи од 21 до 29 степени.

Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а во делови од котлината можна е појава на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолиран град. Температурата во главниот град ќе достигне до 27 степени.